Во стар бронзен ќуп кинески археолози ја пронајдоа мистериозната течност, односно „еликсирот на бесмртноста“, кој се споменува во старите кинески текстови, пишува „Science Alert“.
Чудната жолтеникава течност истражувачите ја откриле кон крајот на минатата година во текот на ископувањата во кинеската провинција Хенан, но дури подоцна сфатиле дека се работи за напитокот за кој древните Кинези смеале дека му дава бесмртност на оној што ќе го испие.
“Ова е првпат археолози во Кина да го пронајдат митскиот напиток за бесмртност. Течноста има значајна вредност зашто ќе им овоможи на научниците да ги проучуваат древните кинески мисли за постигнување на бесмртноста и сознанијата за еволуцијата на кинеската цивилизација”, вели Ши Јиазен, шеф на Институтот за реликвии и археологија.
Садот од бронза во кој се наоѓала течноста бил откриен во голема гробница од време на династијата Хан (202 год.п.н.е.- 8 век од нашата ера).
Садот лежел покрај покојникот, заедно со голем број други вредни предмети. На почетокот се претпоставувало дека станува збор за вино од ориз, но лабораториските тестирања откриле оти мистериозната течност главно се состои од калиум нитрат и алунит, главните состојки за еликсирот на бесмртноста запишан во антички таоистички текст.
Чудотворните напитоци од овој вид често содржеле состојки кои денес ни случајно не смееме да ги конзумираме. Во нив знаело да се најде злато, жива, жад, арсен и слично.
Напитоците кои би требало да подарат бесмртност, всушност биле отровни и имале спротивен ефект, а постои цела гранка на истражувања, посветена на кинеското алхемиско труење.
Така е и со овој напиток. Калиумовиот нитрат може да биде смртоносен за човекот, ако станува збор за внес од поголемо количество од овие супстанци.
Научниците сеуште не се сигурни дали некој воопшто ја пиел течноста или е само положена на гробот на покојникот.