Истражувачите од Државниот Универзитет во Рали, Северна Каролина, спровеле истражување за улогата на бубачките и останатите артроподи (arthropods) во контролата на отпадоците од храна. Целта била да откријат колку се почисти областите со поголем биодиверзитет. Причината за тоа: многу екосистеми се поефикасни кога биодиверзитетот е поголем, објаснува Елса Јангстед, ентомолог – научник што ги проучува инсектите и водач на истражувањето.
Истражувањето, објавено во списанието „Global Change Biology“, било извршено на територијата на градот Њујорк. Со популација од 8 милиони кои живеат на 777 километри квадратни, отпадоците од храна може да претставуваат голем проблем. Трошките и остатоците од храна што често завршуваат надвор од корпите за отпадоци се добра „гозба“ за многуте градски животинки.
Истражувачите направиле споредба помеѓу два многу различни градски екосистеми: парковите и зелените појаси што во градовите ги одделуваат сообраќајните ленти за движење во спротивни насоки.
На двете локации, истражувачите, поставиле остатоци од виршли, пржени компирчиња и колачи, во точно одредена количина, како мамец. Тие, исто така, поставиле решеткаста корпа над едната порција храна на секоја страна, на тој начин создавајќи кафез. Отворите на решетките биле само 0,65 сантиметри во пречник. Целта била да се спречат верверичките, стаорците и поголемите „трагачи по храна“ да дојдат до остатоците. Над корпата била залепена плоча од полистиренска пена, за да служи како чадор за заштита на храната од дожд. Над друга порција со храна поставиле сличен чадор од пена, но без кафез. После период од 24 часа истражувачите ги собрале, ги исушиле и ги измериле деловите од храна што останале, за да утврдат колку точно храна била изедена.
Во покриените и непокриените порциии во кои истражувачите оставиле мали количини од храна не останало ништо. Бубачките ја изеле целата количина и не останала храна до која можеле да дојдат поголемите животни, иако таа им била достапна. Меѓутоа, бубачките не успеале да ја изедат целата храна од затворените, поголеми порции кои тежеле повеќе од 6 грама, додека поголемите порции кои не биле затворени, биле целосно изедени.
Ова покажува дека бубачките се натпреваруваат со поголемите животни за храна. Тоа значи дека повеќе бубачки во градот би можеле да помогнат да се намали бројот на стаорци и гулаби, заклучуваат истражувачите.
Истражувачите биле изненадени кога ги споредиле податоците за храната што била изедена во парковите и зелените појаси. Тие очекувале дека дивите животни во парковите ќе изедат повеќе храна, бидејќи тука има поголем биодиверзитетот, но се покажало спротивното, животните изеле повеќе храна во зелените појаси на сообраќајниците.
Со понатамошно истражување, утврдиле дека значителна улога во ова има еден посебен вид на мравки. Тоа се мравки што се гнездат до троторите и се чести во градските средини. Тие многу лесно ја пронаоѓаат храната и ја носат со себе. Иако овие мравки не се единствените бубачки што се наоѓаат во овие појаси, тие се најефикасни во чистењето на отпадоците од храна.
Истражувачите проценуваат дека инсектите и другите артроподи можат годишно да отстранат остатоци од храна со тежина што одговара на 60 000 виршли, 200 000 чајни колачи и 600 000 пржени компирчиња, и тоа само од 14,5 километри долгиот зелен појас што ги дели двете сообраќајни ленти на Менхетен.
„Тоа што мравките ќе го изедат, нема да изгние или да биде храна за стаорците, што ќе доведе до намалување на болестите и ќе ги направи градовите почисти и поздрави средини за живеење“, истакнува Јангстед.