Дел од јавноста веројатно сѐ уште се сеќава на написите во странските медиуми кои објавија дека возач на автобус од Индија е убиен во експлозија, за што локалните власти тврдеа дека е предизвикана од метеорит.
Претходно постојат два потврдени случаи на луѓе кои ги удрил метеорит, но ниту еден од нив не бил фатален.
Некои луѓе се многу скептичнни во врска со инцидентот во Индија. Но, без разлика на исходот, сигурно ве интересира која е веројатноста за навистина да ве удри метеорит.
Според Питер Браун, експерт за метеорити, еден човек на земјата е погоден од метеорит (од 200 грама или повеќе) барем еднаш на секои седум години, или повеќе.
Браун е професор по физика и астрономија на Универзитетот во Западен Онтарио. Неговата проценка се заснова на едно истражување од 1985 година кое е ажурирано со денешниот број на населението.
Уште еден експерт за метеорити, професорот Хенри Мелош, има слични претпоставки иако користел различен пристап. Но, сепак тие нагласуваат дека се работи само за груба проценка.
„Ова може да звучи неверојатно, но многу луѓе може и да не забележат дека се погодени од мал метеорит“, вели Браун.
Мал фрагмент од метеорит, кој тежи само неколку грама, би удрил некој човек со само 64 километри на час. Човекот ќе примети дека нешто го удрило, но нема да биде свесен што. Поголемите метеорити од 200 грама може да удрат со речиси 150 километри на час, што со сигурност ќе се забележи, но нема да биде фатално, освен ако не го погоди човекот директно во главата.
Па, земајќи ја предвид оваа груба проценка, еден човек со просечен животен век од 71 година ќе преживее 10 удари од метеорит во својот живот.
Веројатноста за да ве удри метеорит од 200 грама е 1 наспроти 700 милиони, ако претпоставиме дека во светот има 7 милијарди луѓе. За споредба, шансите да ве удри гром се 1 наспроти 12 илјади.
„Што се однесува на тоа навистина да бидеме погодени од метеорит, опасноста за луѓето е тривијална“, заклучува Браун.