Дали научниците ги откриле сите кратери на Земјата што се последица на удар од астероид? Изненадувачки, едно истражување покажува дека сите се откриени – барем што се однесува до големите кратери.
Истражувањето, што го направиле научниците од Универзитетот Фрајбург во Германија, покажува дека на нашата планета има 128 кратери, поголеми од 6 километри во дијаметар, што се последица на удар од астероид. Ова е зачудувачки малку, со оглед на тоа колку вакви кратери се откриени на другите тела во нашиот Сончев систем, како Марс, или нашата Месечина.
Оваа бројка била толку изненадувачки ниска, што на научниците им требало некое време за да ги потврдат резултатите, вели д-р Стефан Харгартен, геофизичар од Универзитетот и еден од авторите на истражувањето.
Харгартен и геологот од универзитетот д-р Томас Кенкман ги зеле предвид фреквенцијата на астероидните удари на Земјата и темпото на ерозија во различни региони (кои можат или да го исполнат или да го продлабочат кратерот).
Потоа, научниците ги искористиле комбинираните податоци за да извршат проценка на бројот на кратерите и ги споредиле со бројот на кратери за кој е познато дека сега постојат. Наодите покажале дека бројот на откриените кратери одговара на нивните проценки.
„Нашите истражувања покажуваат дека ерозијата на Земјата се одвивала доволно брзо за да ги уништи сите поголеми кратери, освен оние што се веќе откриени. Мислам дека можеби ќе можат да се најдат и други, но тоа е неизвесно“- вели д-р Харгартен.
Што велат другите научници за ова истражување? Д-р Брендан Џонсон од МИТ во Кембриџ, Масачусетс, вели дека и тој бил изненаден од овие наоди.
„Ова е прв пат некој да ги земе предвид ефектите од ерозијата“, вели тој, но додава дека се истражени само кратерите што се наоѓаат на површината, или во близина на површината на Земјата, но може да има и други кратери кои се длабоко закопани. Затоа, вели тој, „Не престанувајте да барате, само копајте подлабоко“.
Харгартен и Кенкман се сложуваат дека може да има уште кратери. Всушност, според нивните податоци, би требало да има уште 90 кратери со дијаметар од 1 до 6 километри што треба да се откријат.
Истражувањето беше објавено во онлајн изданието на „Earth and Planetary Science Letters“.