Колку долго живее една фирма?

Прашањето е многу едноставно, колку долго еден типичен бизнис треба да опстои? Сепак, економистите расправаат за ова со децении, без да дојдат до јасен одговор.

Но, едно истражување од научниците од Институтот Санта Фе во Ново Мексико покажува дека фирмите опстојуваат исто време, независно од староста или економскиот сектор.

Фирмите се отвараат и се затвараат од различни причини. Некои се купени, некои се спојуваат со други фирми, додека некои целосно се повлекуваат од бизнисот.

„Постојат многу теории кои опишуваат што мислат луѓето дека се случува, но постојат изненедувачки малку квантитативни трудови за она што економистите го нарекуваат –смртност на фирмите. Некои од постоечките теории и докази даваат сосема контрадикторни одговори. Некои сметаат дека е поверојатно помладите компании да згаснат попрво, додека други мислат сосема спротивно. Ние сакавме да видиме дали постои некаков стандард на однесување или е сосема случајно“ – вели Марус Хамилтон, еден од авторите на истражувањето.

Истражувачите прегледале широка база на податоци за јавни трговски фирми што датирале од 1950 година. Со помош на статистичка техника наречена „анализа на преживување“, истражувачите откриле нешто што никој не можел да го предвиди – стапката на смртност на фирмите или ризикот фирмата да згасне, да речеме следната година – не зависи од тоа колку долго фирмата опстојува во тој бизнис или со што се занимава.

 

„Независно дали продаваат банани, авиони или што и да е друго“ – вели Хамилтон, стапката на смртност е иста. Иако бројот, се разбира, варира од фирма до фирма, истражувачите проценуваат дека типична компанија опстојува отприлика 10 години пред да биде купена, споена со друга или целосно ликвидирана.

„Следното прашање е зошто е тоа така“- вели Хамилтон. Иако со истражувањето свесно се избегнува каков било економски модел, истражувачите имаат некои хипотези инспирирани од еколошките системи, каде што животните и растенијата имаат своја внатрешна динамика, но мора да се борат и со ограничените ресурси – исто како и бизнисите.

Доколку сакате да се информирате подетално, истражувањето е објавено во списанието „Royal Society Interface“.

Поддржете ја нашата работа: