Колку луѓе умираат од загаден воздух?

Научниците од Германија, Кипар, Саудиска Арабија и од Универзитетот Харвард направиле досега најдетална проценка за штетите врз здравјето што произлегуваат од загадениот воздухот, како и причините што го предизвикуваат загадувањето. Во студијата исто така се проценува дека доколку досегашните трендови не се променат, вкупниот број на смртни случаи ќе се дуплира и до 2050 година ќе достигне 6,6 милиони.

Во студијата, што беше објавена во списанието „Nature“, биле користени здравствени статистики и компјутерски модели. Околу три четвртини од смртните случаи биле последица на мозочен и срцев удар, вели водечкиот автор на студијата Џос Лелевелд од Институтот Макс Планк од Германија. Загадувањето на воздухот убива повеќе од ХИВ и маларијата заедно, додава тој.

Со 1,4 милиони смртни случаи годишно, Кина претставува земја со најмногу жртви од загадувањто на воздухот. Следи Индија со 645.000 и Пакистан со 110.000. САД, со 54.905 смртни случаи во 2010 година се наоѓа на седмото место по бројот на смртни случаи поврзани со загадувањето на воздухот со чад и смог. Необично е што во студијата се вели дека загадувањето предизвикано од земјоделството е причина за 16.221 смртни случаи, што е втора причина, веднаш после 16.922 смртни случаи за кои се обвинува загадувањето од електраните.

Според студијата, во североистокот на САД, цела Европа, Русија и Јужна Кореа, замјоделството е причина бр.1 за смртните случаи предизвикани од загадување со чад и смог. Во светски рамки, загадувањето од замјоделството е на второ место со 664.100 смртни случаи, после загадувањето предизвикно од загревањето на домовите со дрва и други био горива што се користат во земјите во развој, што е причина за над еден милион смртни случаи.

Проблемот во земјоделството произлегува од амонијакот од ѓубривата и животинскиот отпад, вели Лелевелд. Амонијакот потоа се поврзува со сулфатите што ги испуштаат термоелектраните и нитратите од издувните гасови од автомобилите со што се создаваат честички од саѓи, кои претставуваат најголемите убијци од загадениот воздух, вели тој.

Проекциите дека смртноста од загадувањето ќе се удвои до 2050 година се оспоруваат од  некои научници, бидејќи се базираат на тоа дека нема да се направат никакви измени во насока на намалување на загадувањето на воздухот. Тие сметаат дека некои земји, како Кина, драстично ќе го намалат загадувањето на воздухот до 2050 година.

Ако во светот се намалат и другите загадувачи, како што е јаглеродниот диоксид, што е главната причина за глобалното затоплување, ќе се намали и нивото на чад и смог, што ќе претставува ситуација во која и двете насоки добиваат, истакнува Лелевелд.

Поддржете ја нашата работа: