Урбанизацијата има бројни необични последици. Така птиците го прилагодуваат своето пеење, своите гнезда, па и остатокот на активности на новата урбана животна средина.
Во Мексико Сити на пример, урбанизацијата ги принудува птиците да користат се што можат да пронајдат со цел да изградат гнездо и истовремено да го зачуваат од штетници, пишува Nature World News.
Отпушоците од цигари се најчестиот облик на ѓубре. Се проценува дека две третини од шест трилиони испушени цигари ширум светот завршуваат фрлени на под, и дека претставуваат опасност за помалите животни.
Научниците во 2012та година спровеле студија во која се покажало дека урбаните птици, главно од Мексико, користат отпушоци за изградба на гнезда.
Веќе е познато дека никотинот може да се користи како пестицид. Научниците од Националниот автономен Универзитет во Мексико не биле сигурни дали птиците намерно користеле отпушоци како пестицид, или едноставно тоа е најдобар материјал за изградба на гнезда кој може да се пронајде во урбаната средина.
“Една можност е дека птиците извлекуваат влакна од целулоза од догорчиња од цигари, затоа што потсетуваат на перја”, велат научниците.
Со цел да ја проверат ваквата теорија, научниците набљудувале неколку птици од Мексико како ги градат своите гнезда. Откако се извеле млади, научниците ги замениле користените отпушоци со филц. Во описот за ваквиот процес на тестирање дали отпушоците биле користени како превентива против паразити, стои дека истражувачите поминале низ едноставен процес.
Гнездата ги поделиле на три групи: Во првата група, во гнездата ставиле живи крлежи, во втората гупа на гнезда мртви крлежи, а во третата симулирале додавање на крлежи.
Резултатите се изненадувачки. Само во првата група на гнезда, женките додавале влакна од отпушоци, што покажува дека птиците намерно ги користат со цел да се заштитат од паразити.
Сепак една друга студија, спроведена две години подоцна го покажува спротивното. Отпушоците од цигари можат да бидат погубни за малите организми, иако можат краткотрајно да бидат корисни.
Фрлањето на отпушоци од цигари насекаде, не им помага на птиците, како ни на другите животни. Ни во урбана, ни во рурална средина.