Контрацепција за мажи

Васалгел, кој го поседува медицинската истражувачка фондација „Parsemus Foundation“, е првиот нехормонален машки контрацептив што се очекува да биде одобрен од Американската Администрација за храна и лекови, после кондомот. Се проценува дека на пазарот во САД ќе се појави во 2018 – 2020 година.

Во основа Васалгел е полимер, кој под локална анестезија се инјектира во семеводите, преку скротумот. Функционира на тој начин што ја блокира спермата, а дејството би требало да трае со години. Се очекува процесот да е реверзибилен, преку друга инјекција која го раствара полимерот. Должината на дејството, ефикасноста, како и тоа дали процесот е потполно реверзибилен, точно ќе се знае после медицинските тестирања што започнуваат во 2016 година.

Предноста на Васалгел е и тоа што, иако ја блокира спермата, останатите течности може слободно да поминуваат. Со тоа би требало да се редуцира ризикот од болка што се јавува заради притисокот, што понекогаш е случај кај вазектомијата.

Постојат и неколку други опции:

„Gendarussa“ е уште еден нехормонален контрацептив, кој во Индонезија ја поминал втората фаза на испитувања кај луѓе. Хипотетички, со оваа метода се спречува способноста на сперматозоидите да ја оплодат јајце-клетката.

Друга метода, развиена во САД, наречена „anti-Eppin agent “, функционира на тој начин што ги спречува сперматозоидите да пливаат.

Овие контрацептиви се први на листата, бидејќи се поддржани од клинички тестирања. Но постојат и неколку други, како што е „Clean Sheets Pill“ , која е дизјнирана да овозможи оргазам без ејакулација. Но кај овие контрацептиви, потребно е мажите секојдневно да земаат пилула. Со оглед на тоа дека во природата на луѓето е понекогаш да забораваат на работите, Вазалгел би можело да биде најпосакуваното средство за контрацепција за мажите кои бараат опција за трајна контрацепција. Истражувањата покажуваат дека барем половина од мажите би го користеле.

Поддржете ја нашата работа: