Оваа година, помеѓу јуни и август, Костарика функционирала цели 76 дена со електрична енергија 100 проценти добиена од обновливи извори на енергија, се вели во новиот извештај, што покажува дека животот без фосилните горива е возможен, барем за малите земји.
Ова е втор пат во рок од две години што оваа централно американска земја функционира целосно на обновливи извори на енергија, во период поголем од два месеци.
Досега, Костарика функционирала на енергија од обновливи извори вкупно 150 дена, а тој број продолжува да се зголемува.
Според Националниот центар за контрола на енергија на Костарика, 16-ти јуни 2016 година бил последниот ден од оваа година кога земјата користела енергија заснована на фосилни горива. Оттогаш, земјата се напојува со мешавина од хидро, геотермална, ветерна и сончева енергија.
Ова достигнување на Костарика е импресивно, но мора да се напомене дека тоа главно се должи на големината на земјата. Костарика има вкупна површина од околу 51.000 квадратни километри и популација од само 4,9 милиони луѓе.
Во моментов, Костарика работи на голем хидро проект – брана со 5 турбини кои ќе имаат капацитет да генерираат 305,5 мегавати енергија, што е доволно да се напојуваат околу 525 илјади домови. Едвај чекаме да видиме колку далеку може да оди Костарика со своите обновливи извори на енергија и се надеваме дека наскоро ќе достигне 365 дена функционирање со енергија од обновливи извори.