Лекот наречен модафинил најчесто се користи за лекување на луѓе со нарколепсија (прекумерно спиење), но се’ повеќе луѓе го користат за други причини кои не се медицински одобрени, односно за подобрување на когнитивните функции за извршување на одредени задачи како учење или работење.
Сега, еден сеопфатен преглед на лековите ја разгледа оваа „нелиценцирана“ употреба на модафинил за да одреди дали е безбедна неговата употреба од страна на здрави лица кои немаат проблеми со спиењето и за да провери дали верувањето дека не прави попаметни е вистинито.
Според истражувачите од Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија и Медицинскиот факултет Харвард во САД, лекот е ефикасен и за двете работи.
Истражувачите ги оцениле сите истражувања за неговите ефекти, разгледале 24 студии за неговото влијание на планирањето, донесувањето на одлуки, меморијата, учењето и креативноста. Нивните откритија, објавени во „European Neuropsychopharmacology“, покажале дека модафинилот навистина има влијание на когнитивните функции, иако тие се разликуваат во зависност од задачата која треба да се изврши.
Лекот не ја подобрува нашата работна меморија или флексибилноста на размислувањето, туку влијае на нашиот капацитет за донесување на одлуки и планирање – повисоки мозочни функции кои се потпираат на повеќе едноставни когнитивни процеси. Покрај тоа, предизвикува многу малку несакани ефекти.
Но, секако дека ова откритие за модафинилот, како прв вистински пример за „паметен лек“ кој ги подобрува мозочните функции на луѓето, е контроверзно и во блиска иднина со сигурност нема да се препишува за таква општа употреба.
Меѓутоа со развојот на фармацијата сигурно ќе се појават се’ повеќе супстанци што ќе ги подобруваат човековото здравје и физичките и менталните перформанси, нормално без несакани дејства.
Резултатите од овие истражувања се само почеток, како за развој на цела група нови фармацевстки производи така и за отпочнување на сериозна научна дебата дали да се употребуваат истите.
Моментално сите супстанци што влијаат на менталните и когнитивните функции на мозокот се третираат како дрога, притоа ставајќи го акцентот на несаканите дејства што таа супстанца ги предизвикува. Меѓутоа што ако вашето утринско кафе ви овозможи 200% подобри перформанси, и доколку вие се одлучите да го конзумирате, што ќе се случи со вашите колеги на работа кои ќе одлучат да пијат чај од нане?