Македонскиот тим, составен од Филип Димитровски, Костадин Лазаров, Дарко Тодоровски и Филип Макрадули, успеа да го освои првото место на глобалниот натпревар на НАСА – „NASA Space Apps Challenge“, според изборот на публиката со 48.195 гласови.
Нивниот тим „Avis“ убедливо водеше пред останатите 24 тимови, а сега следува официјална верификација на резултатите од НАСА.
Откако и официјално ќе се потврди, четворицата ќе отпатуваат во „Кенеди спејс центарот“ во Флорида, каде ќе имаат можност да го развиваат својот проект, во рамки на европската програма за акцелерирање подготвена во соработка со НАСА и комерцијални компании од вселенската индустрија од САД и Велика Британија, а ќе имаат шанса и да присуствуваат на лансирање на ракета.
Тие работеа на предизвикот “Don’t crush my drone” од областа на аеронаутиката чија цел е да им овозможи на корисниците на дронови во домашни услови да можат лесно и едноставно да ги контролираат дроновите, со помош на “паметна“ нараквица и мобилен телефон.