Полско-францускиот научник Марија Кири е највлијателната жена во историјата, вели одлуката на учесниците на една анкета на Би-Би-Си.
Читателите на списанието “History2″ ја рангираа Кири на првото место на листата жени кои го промениле светот, поради тоа што била првата личност со две освоени Нобелови награди – за физика во 1903 година, хемија во 1911 година, и поради истражувањето за радиоактивност.
Во Британија наскоро се одбележува стотата годишнина од правото на глас на жените и во тек е расправата за подобрената застапеност на жените во општеството и намалената разлика помеѓу половите.
На второ место се најде американската активистка Роза Паркс, која одбила да го отстапи своето место во автобус на белец и така ја покренала борбата за правата на црнците во Америка, а на третото место е Емелин Панкерст која е најзаслужна за тоа што жените добиле право на глас.
Англиската математичарка и пионер за компјутерско програмирање Ејда Лавлејс е четврта на листата, а петта е британската хемичарка Розалинд Френклин, која допринела за разбирање на молекуларната структура на ДНК.
“Овој список претставува посвета на жените низ историјата кои спротивно од изгледите постигнале неверојатни достигнувања”, вели Хинали Пател, портпарол на најголемото британско здружение за права на жените Fawcett Society.
Изборот би можел да предизвика и некои дебати, пишува Гардијан. Дали навистина го заслужува Маргарет Тачер шесттото место на листата а петнаесетото место принцезата Дајана? Што мислите?