Квалитетните светла ни овозможуваат подобра прегледност, но можат да ни помогнат и да избегнеме бројни непријатни ситуации, па затоа многу производители работат на разни иновации за да имаме подобар поглед на патот додека возиме. Овие денови Мерцедес ги претстави „дигиталните светла“, со кои светлосниот сноп може толку прецизно да се контролира, така што светлата можат пред возачот да ги прикажат упатствата од навигацијата или други комплексни симболи како проектор. Мерцедес ги нарекува „HD-светла“ и планира наскоро да ги воведе и во своите возила.
Благодарение на алгоритмот кој ги следи информациите од околината преку сензори, камери и радари, автомобилот може во реално време да го подеси секое од двата милиони микро огледала. На тој начин ќе може да го спушти светлото за да не го заслепи пешакот, а во видеото се гледа дека пред пешакот можат да проектираат пешачки премин, како би му ставиле до знаење дека е безбедно да ја премине улицата.