Со ослободување на метан од одмрзнатата почва или со апсорбирање на сончевата топлина и затоплување на океаните околу нив, малите микроби и морски фитопланктони оставаат значаен белег на средината на Арктикот- со потенцијално глобално влијание.
Мети Свенинг од Универзитетот во Тромсо во Норвешка, заедно со нејзиниот тим, покажала дека микробните заедници во почвата стануваат фабрики за стакленички гасови веднаш штом почвата ќе се одмрзне. На научниците им е веќе познато дека повисоките температури предизвикуваат микробите во почвата на Арктикот да ослободуваат метан – стакленички гас околу 25 пати посилен од јаглеродниот диоксид- но, многу побрзо бидејќи се хранат со подземниот јаглерод.
Она што научниците не го знаеле е тоа колку се тие ефикасни на пониски температури. Микробите од потоплите клими обично застануваат на 4 °C, но нивните роднини на Арктикот продолжуваат да произведуваат метан со една четвртина од стапката која би ја произвеле на 27 °C. Овие температури може да се достигнат за време на лето, што би резултирало со многу поголема емисија на метан. Со оглед на тоа што почвата на Арктикот содржи два пати повеќе јаглерод од целата атмосфера, проценките го сместуваат одмрзнувањето на почвите во истиот кош со глобалното уништување на шумите, еквивалентно на затоплување од 0.25 °C до крајот на векот.
Друго истражување, објавено минатата недела, сугерира дека како што се топи мразот, морските фитопланктони апсорбираат повеќе сончеви зраци кои би можеле да ги загреат околните води за 20% повеќе отколку што предвидуваат сегашните климатски модели. За најтешко погодените области, тоа би значело топење на уште 10% од мразот.
Меѓутоа, некои научници сметаат дека овие микроорганизми можеби и не се лоши со оглед на тоа што можат да заробат опасни стакленички гасови во своите тела. Јорген Холсен од Универзитетот во Копенхаген, Данска, вели дека постојат премалку податоци за точната големина и важност на овие биолошки влијанија. Сегашните климатски модели кои ги исклучуваат истите, може да го потценат обемот на промените што доаѓаат.