Дали постои црната енергија ?

Уште од 1990-тите на научниците им е познато дека Универзумот се шири со забрзана стапка. За оваа појава засега се смета дека е одговорна мистериозната црна енергија.Според пресметките на научниците оваа енергија сочинува дури 68 проценти од Универзумот.

Иако не постојат директни докази за постоењето на црната енергија, оваа идеја е општо прифатена, бидејќи најдобро го објаснува Универзумот каков што сега го познаваме.

Сепак, едно ново истражување направено од научниците од Универзитетот „Eötvös Loránd“ во Унгарија, сугерира дека она што изгледа  дека претставува мистериозна црна  енергија, може всушност да е илузија, предизвикана од промената на структурите во Универзумот.

Тие веруваат дека различни региони во Универзумот се шират со различна брзина, во зависност од тоа како структурите се распоредени таму, додека вселената ја задржува просечната брзина на ширење. Сегашниот стандарден модел не го зема ова во предвид.

Истражувачите направиле компјутерска симулација и ги  споредиле стандардниот космолошки модел (со обичната материја, црната енергија и црната материја), модел во кој има само црна и обична материја, со својот модел на нерамномерно ширење на Универзумот.- Avera (Average Expansion Rate Approximation)

Се покажало дека со нивниот модел подеднакво добро се објаснуваат набљудуваните податоци за ширење на Универзумот како и со моделот со црна енергија, а при тоа не се тврди дека 68 проценти од Универзумот се состои од нешто за што никој со сигурност не може да објасни што претставува.

Нивниот модел се покажал дури и подобар кога станува збор за објаснување за разликата помеѓу некогашната и сегашната брзина на ширење Универзумот.

Се работи за интересна идеја, која сигурно ќе предизвка дебата, но сѐ уште е рано да се предвиди дали со ова ќе се отфрли постоењето на црната енергија.

Поддржете ја нашата работа: