Мистериозните езера на Титан

Титан, месечината на Сатурн, е дом на езера полни со течни јаглероводороди, но што ги формира? Едно истражување укажува на тоа дека површината на месечината се разложува во процес кој е сличен на создавањето на дупки на Земјата.

Освен Земјата, Титан е единственото тело во Сончевиот систем за кое е познато дека има езера и мориња, кои биле забележани од страна на вселенското летало Касини. Но, при студените температури на површината на Титан (околу -180 степени Целзиусови) доминираат течниот метан и етан, наместо водата.

Касини идентификувал две форми на вдлабнатини исполнети со метан и етан кои создаваат посебни карактеристики во близина на половите на Титан. Има огромни мориња кои се протегаат на стотици километри и канали кои наликуваат на реки кои се протегаат до неколку стотици метри. Има и голем број на помали и поплитки езера, со заоблени рабови кои главно се застапени на порамните површини. А исто така има и многу празни дупки.

Езерата, воглавно, не се повразни со реките и научниците сметаат дека не може целосно да се наполнат само од врнежите и од течностите во земјата. Некои од езерата се полнат и потоа се сушат во текот на 30-годишниот сезонски циклус на Сатурн и Титан. Но, како воопшто настанале вдлабнатините е непознато.

За да го разберат тој процес, научниците се осврнале кон нашата планета. Тие откриле дека езерата на Титан се слични на оние што нам ни се познати како карстни форми на Земјата. Ова се копнени предели кои произлегуваат како резултат на ерозија на растворливите карпи, како варовник и гипс, во подземните води или врнежите кои продираат низ карпите. Со текот на времето, тоа доведува до дупки или пештери кај влажните клими. Стапката на ерозија зависи од хемискиот состав на карпите, стапката на врнежи и температурата на површината. Додека сите овие фактори јасно се разликуваат на Титан и на Земјата, научниците сметаат дека основниот процес е изненадувачки сличен.

Тим на истражувачи, на чело со Томас Корнет од Европската вселенска агенција, пресметувале колку време е потребно за површината на Титан да се разложи и да се создадат овие дупки. Претпоставиле дека површината на Титан е прекриена со цврсти органски материи и дека главниот растворувач се течните јаглеводороди. Така, со помош на сегашните модели на климата на Титан, откриле дека би биле потребни околу 50 милиони години за да се создаде дупка од 100 метри.

„Тоа значи дека процесот на разложување на Титан се случува 30 пати побавно од оној на Земјата, поради тоа што годината на Титан трае подолго, но и поради тоа што таму врне само во лето. Како и да е, веруваме дека тоа е главната причина за еволуцијата на копното на Титан и потеклото на езерата“, истакнуваат истражувачите.

Ова е одлично компаративно истражување на нашата планета и еден динамичен свет оддалечен милијарди километри, кое ни покажува дека може да се случуваат слични процеси на обликување на земјиштето при различна клима и хемиски состав.

Истражувањето е објавено во „Journal of Geophysical Research, Planets“.

Енаука.мк (реобјавена статија)

Поддржете ја нашата работа: