Мистериозните нубиски пирамиди во Судан

Секој од нас слушнал за големите пирамиди во Египет. Но, дали знаете дека на неколку илјадници километри на југ, по должината на реката Нил, се наоѓа уште една импресивна група на антички структури кои преживеале во суданската пустина во изминатите 3.000 години. Благодарение на новата снимка од дрон на „National Geographic“, можеме да добиеме увид во овие неверојатни, но малку проучувани пирамиди.

Изградени од страна на античката нубиска цивилизација, постојат околу 225 пирамиди на 3 познати наоѓалишта во суданската пустина, но повеќето туристи никогаш не слушнале за нив и досега се многу малку истражени.

„National Geographic“ го сними ова видео како дел од новиот документарен филм за едно од првите археолошки истражувања на наоѓалиштето Ел – Куру – една од кралските гробишта изградени за нубиското кралско семејство во времето на античкото кралство Куш, каде што се наоѓаат структури кои датираат од 1070 година пр.н.е. Исто како и Египќаните, и тука жителите го погребувале кралското семејство под пирамиди, најверојатно за да им помогнат на нивните души да стигнат до рајот, но структурно, градбите се различни.

Нубиските пирамиди се пострмни и потесни и се изградени од погруби камења, за разлика од египетските кои имаат помазна и поширока површина. Овие пирамиди се исто така помали, со висина од 6 до 30 метри, во споредба со 139-те метри на Големата пирамида во Гиза.

Покрај тоа, овие пирамиди се изградени околу 500 години откако Египќаните престанале да градат свои пирамиди. Но, се’ уште има многу да се учи за античките структури, за тоа како и зошто се изградени, како и за распаѓањето на кралството Куш, и научниците се надеваат дека набљудувањето на ова место од воздух ќе овозможи некоја перспектива во сето ова.

Покрај беспилотните летала, научниците користат и робот за ископување на пештерите до кои луѓето не можат да пристапат. Со нетрпение очекуваме да видиме што ќе откријат научниците, а во меѓувреме уживајте во глетката на овие 3.000-годишни пирамиди!

Поддржете ја нашата работа: