Грендландската ајкула (Somniosus microcephalus) е една од најголемите видови на ајкули, со димензии слични на оние на Големата бела ајкула. Но, таа исто така е и најстарата ајкула, односно најстариот ’рбетник на светот кој може да живее повеќе од 500 години, според новото истражување спроведено од Џулиус Нилсен до Универзитетот во Копенхаген, Данска.
Грендландските ајкули живеат длабоко во Северниот Атлантик и студените површински води на Арктикот. Иако растат бавно (само неколку сантиметри годишно), тие достигнуваат повеќе од 5 метри во должина и често се на врвот на предаторите во нивниот екосистем.
Нилсен заедно со својот тим на истражувачи анализирале повеќе ајкули и се фокусирале на радијацијата во очите на ајкулите за да ја одредат нивната старост. Тестирањата на нуклеарни бомби во 1950-тите и 1960-тите години резултирале со радиоактивни честички во атмосферата кои навлегле во мрежата на храна низ целиот свет и се појавуваат во форма на радиоактивен јаглерод во организмите кои живееле во тој период. Со оглед на тоа што ткивото на леќите на Грендландските ајкули не се менува во текот на целиот нивен живот, тоа значи дека ја чува историската радијација.
Откако научниците фатиле една ајкула од 2,2 метри која покажувала ниво на радијација во очите што индицирало дека е родена во 1960-тите години, успеале да пресметаат колку брзо таа растела.
Така научниците пресметале дека една ајкула од 5 метри е најмалку 272 години стара, но би можела да биде и повеќе од 500 години стара. Женските ајкули не достигаат сексуална зрелост се до 150-тата година од својот живот.
„Ова е нашата најдобра проценка што покажува дека ајкулите се стари со векови“, вели Нилсен. „Дефинитивно очекувавме ајкулите да бидат стари, но не очекувавме да бидат најстарите ’рбетници на светот“.
Сепак, многу работи се’ уште се непознати за овој вид на ајкули па со нетрпение очекуваме понатамошни истражувања.
Ова истражување е објавено во „Science“.