Повеќето од нас пијат една шолја кафе наутро за енергетски поттик, а потоа во текот на денот уште една или две, па и повеќе. Поради тоа многумина се прашуваат дали овој популарен пијалок е всушност добар или штетен за здравјето. Досега се спроведени многубројни истражувања за корисните и штетните ефекти на кафето, а сега едно ново истражување од Универзитетот Стенфорд открива дека покрај другите придобивки, кофеинот може и да се бори со хроничните воспаленија кои се поврзани со возраста, што може да го продолжи нашиот живот.
„Тоа што многу луѓе пијат кафе, и сакаат да го пијат, може да има директен бенефит, што е изненадување за нас“- вели Марк Дејвис, автор на студијата и професор по микробиологија и имунологија и директор на Институтот Стенфорд за имунитет, трансплатација и инфекција.
Дејвис и неговите колеги покажале поврзаност помеѓу конзумирањето на кофеин и долговечноста.
Тие откриле воспалителен механизам кој бил присутен кај одредени постари лица, но не и кај другите. Кога тој бил многу активен, луѓето имале висок крвен притисок и стеснети артерии. Лабораториските експерименти потврдиле дека кофеинот го блокирал овој воспалителен процес, што значи дека има заштитно дејство против напреднатото стареење кај повозрасните лица.
Истражувањето, објавено во „Nature Medicine“ набљудувало здрави учесници на возраст од 20 до 30 години и друга група на учесници постари од 60 години, преку анкети, примероци на крв и прегледи на нивната медицинска историја.
Истражувачите ги споредувале примероците на крв од младите и старите учесници за да видат кои гени имаат тенденција да бидат повеќе активни кај постарите луѓе. Тоа им овозможило да се посветат на две групи на гени чија што дејност е поврзана со производството на силниот циркулаторен воспалителен протеин наречен „IL-1-beta“. Било забележано дека гените од двете групи работат во координација едни со други.
Кај постарите лица, истражувачите ги поделиле на две групи: со висока активација во една од двете групи на гени, и оние со ниска активација. 9 од 12 лица од „високата“ група имале висок крвен притисок, во споредба со само 1 лице од „ниската група“. „Високата група“ имала повисоко ниво на „IL-1-beta“ и метаболити на нуклеинска киселина, кои се молекули кои служат како градежни блокови за нашите гени и циркулираат во крвта, предизвикувајќи воспалителен одговор.
Групата со „ниска активација“ пиеле повеќе пијалоци со кофеин, што ги довело истражувачите да истражуваат подлабоко за заштитното дејство против воспаленија. Истражувачите инкубирале клетки од имунолошкиот систем со метаболити на нуклеинска киселина кои биле доминантни во крвта од „високата“ група, и откриле дека метаболитите ја зголемувале активноста во една од воспалителните групи на гени. Тоа довело имунолошките клетки да ослободуваат повеќе од „IL-1-beta“. Кога ова било инјектирано во глувци, супстанциите предизвикале широко воспаление и висок крвен притисок. „IL-1-beta“ има тенденција да биде покачен кај луѓето со кардиоваскуларни болести.
Не е јасно зошто некои луѓе имаат висока активација на воспалителната група на гени, додека други немаат. Истражувачите се сомневаат дека тоа е делумно генетски.
Слично истражување од 2015-тата година покажува дека пиењето на кафе може да го намали воспалението, па дури и ризикот за дијабетис, што пак го намалува ризикот за срцеви заболувања. Истражувачите забележале дека честите пијачи на кафе, повеќе од 1 и половина шолја на ден, имале околу половина помали шанси за развивање на дијабетес, во споредба со оние кои не пиеле, дури и земајќи го предвид пушењето цигари, високиот крвен притисок, семејната историја на дијабетес и внесот на други кофеински пијалоци. Поголемата конзумација на кафе била поврзана со пониските нивоа на амилоид, што е воспалителен маркер во крвта.
Овие истражувања го потенцираат ефектот од конзумирањето на кафето на различни воспалителни маркери. Па значи, една (или неколку) шолји кафе на ден може да ги спречат воспаленијата и да ви го продолжат животот. Колку шолји кафе испивте денес?