Најстариот случај на леукемија е пред 7000 г.

Скелетот бил откриен во 1982 година меѓу другите 72 останки во локалитет од раниот Неолит, во близина на Штутгарт – Милхаузен во југозападна Германија. Припаѓа на жена која починала во своите 30-40 години.

Локацијата се поврзува со Линеарната Грнчарска култура, рана земјоделска култура која процветала во западна и централна Европа помеѓу 5500-4800 година п.н.е. и се карактеризира со изработка на керамика со карактеристични линеарни украси.

Досега бил забележан само забен кариес со алвеоларно воспаление кај оваа неолитска жена. Користејќи КТ-скенови со висока резолуција, Хајке Шерф и неговите колеги откриле модел на длабока загуба на сунѓереста коска во коскеното ткиво на рамената коска (долгата коска која се протега од рамото до лактот) и во градната коска.

Според истражувачите, ресорпцијата на централната сунѓереста коска е значително повисока во споредба со примероци од истата возрасна група од истото место.

„Нашите резултати силно укажуваат на леукемија во својата почетна фаза, која ги погодува хематопоетските матични клетки во коскената срцевина” –изјави Шерф.

Локалното ограничено уништување на градната коска и коскеното ткиво на надлактицата отфрли други болести како остеопороза, хиперпаратироидизам и тумор на коските.

Вирусот поврзан со посебен вид на леукемија (Т-клеточна леукемија) претходно беше пронајден во мумии на Андите. Но, овој случај е веројатно најраната позната појава на леукемија во еден археолошки случај.

Истражувачите признаа дека е невозможно да се направат подетални претпоставки, како на пример за кој тип на леукемија станува збор.

Ова откритие е многу значајно од гледна точка на еволуцијата на болеста.

Поддржете ја нашата работа: