Астероидите се едни од најнеистражените територии во Сончевиот систем. За да дознаеме нешто повеќе за нив, НАСА објави две нови мисии кои ќе посетат нови видови на астероиди во 2030-тите години.
Во 2023 година, НАСА ќе го лансира леталото „Psyche“ кое ќе одлета во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер за да го истражува астероидот „16 Psyche” којшто всушност претставува огромно парче метал. Овој астероид изнесува околу 200 км во дијаметар и се смета дека е направен од железо и никел, за разлика од другите астероиди кои сме ги проучувале претходно и кои се составени од карпи и мраз.
Всушност, „16 Psyche“ би можел да биде остаток од јадро на протопланета. Научниците сметаат дека неговите надворешни карпести слоеви биле разрушени од насилни судири, кои зад себе го оставиле овој астероид кој всушност е многу сличен на металното јадро на Земјата.
„Ова претставува можност да истражуваме нов свет, не од камен или мраз, туку од метал“, вели главниот истражувач Линди Елкинс Тантон во соопштението. „16 Psyche“ е единствен познат објект од ваков вид во Сончевиот систем и ова е единствениот начин на кој луѓето некогаш би се доближиле до едно јадро“.
Научниците се надеваат дека со проучувањето на овој астероид ќе дознаеме повеќе за тоа како се формираат планетите и се делат на слоеви и јадро. Доколку се лансира според планираното, леталото ќе стигне на „16 Psyche“ во 2030-та година и ќе помине 20 месеци во истражување на тоа огромно парче метал.
Другата мисија е наречена „Lucy“ и треба да започне во октомври 2021 година и да ги истражува Тројанските астероиди кои орбитираат околу Јупитер.
„Тројанските астероиди се остатоци од примордијалниот материјал кој ги формирал надворешните планети, па содржат витални индиции за дешифрирање на историјата на Сончевиот систем“, вели главниот истражувач Харолд Левисон во соопштението. „Оваа мисија, која е именувана по човечкиот фосил (австралопитекус), ќе го револуционизира нашето разбирање на нашето потекло“.
Според стандардите на НАСА, овие две мисии се релативно евтини и трошоците ќе бидат ограничени на околу 450 милиони долари.
НАСА одржa прес конференција со повеќе информации за секоја мисија.