НАСА објаснува што се случило со Марс

Истражувачите на НАСА објавија дека атмосферата на Марс била отстранета од страна на соларните ветрови во раните денови на Сончевиот систем, што предизвикало планетата да се исуши.

Соларните ветрови излегуваат од Сонцето со брзина од околу 1,6 милиони километри на час. За среќа, нашето магнетно поле ја штити Земјата од нив. Марс порано имал магнетно поле, но како што планетата се оладила пред милијарда години, така го изгубила магнетното поле при што јоните од нејзината атмосфера биле однесени од ветровите.

Научниците го откриле ова со помош на сондата „MAVEN“ (Mars, Atmosphere and Volatile Evolution) која од 2014 години орбитира околу Марс. Минатата година, сондата успеа да набљудува директно влијание на соларна бура на атмосферата на Марс и покажа дека соларните честички ги поттикнуваат гасовите во горниот дел на атмосферата предизвикувајќи тие да експлодираат во вселената и најверојатно надвор од нашиот Сончев систем.

Тоа може да го погледнете на следново видео:

 


Мерењата исто така овозможиле увид во гасовите кои исчезнале од атмосферата на Марс, кои вклучуваат водород, кислород и јаглерод – сите работи кои се потребни за да се создаде свет погоден за живот.

Се чини дека Марс навистина бил погоден за живот. Истражувачите на НАСА веруваат дека пред 4,3 милијарда години Марс имал неверојатно длабоки океани со повеќе вода од Арктичкиот Океан на Земјата.

Ова истражување вели дека океаните на Марс испариле поради истенчувањето на атмосферата. Резултатите се објавени во четири делови (1, 2, 3, 4) на „Science“.

Поддржете ја нашата работа: