Научниците создадоа млеко кое не се расипува до 9 недели

Наскоро можеби нема да мораме да се грижиме за тоа дали млекото во фрижидерот ќе ни се расипе, бидејќи научниците објавија развој на нова технологија која ќе овозможи млекото да не се расипува до 9 недели.

Со усовршување на регуларниот процес на пастеризација, температурата на млекото била зголемена за 10 степени Целзиусови за само една секунда, со што се продолжува неговиот животен век за 7 недели од вообичаеното (околу 2 недели).

При новиот процес, развиен од страна на истражувачите од Универзитетот Пурдју во Индијана и Универзитетот во Тенеси, се елиминираат повеќе од 99% од бактериите кои остануваат по процесот на пастеризација, кои всушност се одговорни за неговото расипување. На оние малку кои ќе преживеат ќе им биде потребно многу подолго време за да се размножат до оној степен кога го расипуваат млекото.

Истражувачите велат дека процесот се’ уште треба да се усоврши, но истакнуваат дека е потребно подеднакво количество на топлина како и стандардниот процес на пастеризација, што значи дека нема да биде потребно дополнително количество на енергија.

А кога ќе помислиме на пропратните ефекти – ова млеко не само што ќе ги намали трошоците за исхрана, туку ќе може и да се пренесува на поголеми далечини, што значи помалку локации за дистрибуција, поефикасна мрежа и придобивки за животната средина. Едвај чекаме да дојде во продавниците!

Истражувањето е објавено во „SpringerPlus.“

Поддржете ја нашата работа: