Дали луѓето стануваат нарцисоидни бидејќи нивните родители се премногу лоши или добри со нив? Овие две спротивставени теории се поддржани од многумина, но првото долгорочно истражување за нарцисоидните особини кај децата ја подржува оваа втората.
Психоанализите на Фројд се првите кои предлагаат дека децата со „ладни“ и незаинтересирани родители го компензираат тоа со преголемо сакање и фалење на самите себе. Но, од неодамна, други научници тврдат дека нарцизмот поттекнува од спротивниот проблем, од родителите кои премногу ги фалат своите деца и притоа им даваат надуено чувство за сопствената вредност.
Теоријата за ладните родители е се’ уште поддржана од страна на некои психоаналитичари. За да ја тестира истата, Еди Брумелман од Универзитетот во Амстердам во Холандија, заедно со неговите колеги, проучувал 565 деца на возраст 7-12 години. Обично на оваа возраст се појавуваат особини на нарцизмот, како на пр. себичност, суета и сл. Истражувањето е објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.
„Претходните истражувања биле спроведени на возрасни. Ние сакавме да видиме како нарцизмот се развива со текот на времето“, велат истражувачите.
Во текот на 18 месеци, на децата и на нивните родители им биле дадени неколку прашалници кои биле направени на тој начин за да го измерат нивото на нарцизам и однесувањето на родителите. Децата треба да одговорат до кој степен се согласуваат со изјави како: „Мајка ми постојано ми кажува дека ме сака“; „Децата како мене заслужуваат нешто повеќе“ итн. Топлината на родителите немала никаков ефект на нарцизмот, меѓутоа значајна поврзаност се појавила кај тоа колку родителите ги фалат своите деца и колку тие деца биле нарцисоидни шест месеци подоцна.
Иако ефектот бил мал, фактот дека воопшто се појавува некаква поврзаност ја побива теоријата за ладните родители.
Едно претходно истражување покажало дека нарцисоидноста кај луѓето се зголемила од 1980-тата година.
Сепак, Питер Фонаџи, психоаналитичар на Универзитетскиот колеџ во Лондон, не се согласува со ова и смета дека нарцизмот кај децата има поголема поврзаност со родителите кои ги потценуваат своите деца, или не ги фалат кога тоа е потребно, а тоа не е измерено во ова истражување.