Неандарталците сепак биле првите европски сликари

СПОДЕЛИ

Авторите на најстарите пештерски цртежи во светот не биле модерните луѓе, туку неандерталците. Ова значи дека нашите исчезнати роднини сепак не биле некултурни дивјаци – се вели во една студија спроведена на три локалитети во Шпанија, а подоцна објавена во списанието Science.

Со примена на модерна технологија, научниците установиле дека сликите пронајдени на трите места во Шпанија биле создадени пред најмалку 64.800 години, што значи 20.000 години пред да дојде првиот модерен африкански народ во Европа.

Ова покажува дека пештерската уметност датира од многу порано време отколку што досега се мислеше, а исто така студијата има цврсти докази дека неандарталците имале когнитивни способности за разбирање и употреба на симболите, што претставуваат централен столб на човечката култура.

“Тоа е доказ кој ја менува досегашната класификација на неандерталците во категоријата пралуѓе кои немале способност за уметничко изразување”, вели Алистер Пајк, професор по археологија од Универзитетот во Саутемптон, и еден од авторите на студијата. “Сликарството секогаш се сметало за многу човечка активност, со што доколку неандарталците сликале, тоа значи дека биле исти како нас”.

И претходно некои археолози заклучиле дека неандарталците биле нешто пософистицирани од карикатурите кои ги претставуваат денес, но за потврда одсекогаш недостасувале докази, а сега постојат наоди од три пештери во Шпанија кои на таквите шпекулации им додаваат вистина.

Пештерските слики на локалитетите Maltravieso, La Pasiega и Ardales вклучуваат точки, линии, кругови и шаблони, а за да се создаде такво нешто треба претходно да се стекнат специфични вештини како што е мешањето на пигментот, но и изборот на соодветни локации за сликање.

Овие неандерталци живееле во области кои еден ден ќе донесат познати сликари како што се Пабло Пикасо и Диего Веласкез и за да создадат цртежи кои сега се зачувани во пештери, тие морале да имаат интелектуална способност да размислуваат со симболи, исто како модерните луѓе.

Друга студија објавена во списанието Science Advances покажа дека украсените морски школки пронајдени во друга пештера во Шпанија исто така потекнуваат од времето пред доаѓањето на модерниот човек.

Жоао Зилао од Универзитетот во Барселона проценува дека за новото истражување за човечкото знаење треба да се вратиме наново на заедничките предци на неандерталците и модерните луѓе пред повеќе од 500.000 години.

Неандерталците исчезнале уште пред 40.000 години, кратко време откако нашите директни предци стигнале во Европа. Сè уште не е јасно што ги уништило, а некои теории укажуваат на недостаток на прилагодување кон климатските промени и силната конкуренција со модерните луѓе.

Дискусија

Коментари