Во лето животот е полесен, бидејќи луѓето се порасположени и пораздвижени. Сето ова е благодарение на сонцето коешто докажано го подобрува расположението. Но за да се ужива во лето и да се искористат неговите позитивни придобивки, неопходно е да се следат препораките за заштита на кожата и да се запаметат неколку совети коишто треба да ги практикувате секојдневно.
Не се препорачува долготрајно изложување на сонце во текот на денот. Доколку сте на одмор и сакате да добиете темен тен, правете го тоа постапно, односно секој ден по малку.
Задолжително изберете препарати за заштита од сонце
Важно е препаратите што ќе ги изберете, да ви овозможуваат заштита од сонце, а воедно ја негуваат кожата. Комбинацијата на УВА и УВБ – филтри ја спречува појавата на изгореници, го превенира предвременото стареење на кожата и појавата на брчки, а состојки со навлажнувачки карактеристики и Д – пантенолот придонесуваат кожата да добие бронзена боја, а сепак да остане мека и еластична. Затоа, изберете паметно. Една од препораките на лекарите којашто мора да се почитува е препаратот со заштитен фактор да се нанесува половина час пред изложување на сонце. Исто така користете и млеко по сончање за да ви ја смири и нахрани кожата.
Облеката е исто така важна заштита од сонце. Треба да се носат алишта од лесни ткаенини со светла боја. Не заборавајте и капа со широк обод и квалитетни очила за сонце. Очилата за сонце со УВ заштита ја штитат нежната тенка кожа околу очите како и самите очи, бидејќи штетните зраци придонесуваат за појава на катаракта. Тие треба да блокираат од 99-100% од УВА и УВБ зраците. Ушите и усните се делови коишто најчесто се и заборавени. Тие треба задолжително да се заштитат од сонце со препарат и носење капа.
Не штедете од препаратот за заштита од сонце. Тој се нанесува во дебел слој и рамномерно, особено после капење, потење, бришење, нанесувајте на секои 2 часа или поскоро, во зависност од активностите. Имајте на ум дека и под сенка и во вода може да изгорите, бидејќи сончевите зраци се рефлектираат од површината на водата и песокот. Исто така, внимавајте доколку земате лекови на рецепт или користите парфеми, бидејќи тие можат да предизвикаат преголема чувствителност и реакција на кожата на сончевите зраци, поточно фотосензитивност.
Избегнувајте претерано изложување на сонце од 10-17 часот
Заблуда е дека користење на солариум пред да одите да се сончате на одмор, ќе ве заштити да не изгорите. Имено, со долготрајно користење на солариум, кожата се оштетува, побрзо старее и се зголемува ризикот од рак на кожа. Воедно, зрачењето во солариумите не е секогаш и секаде редовно и правилно контролирано, па зрачењето може да биде многу посилно од изложување на летното сонце.
Еднаш месечно (и не само во летниот период), правете самопреглед на кожата во случај на нови бенки, белези, можни црвенила и слично. Пред да одите на одмор, посетете лекар за да ја прегледа состојбата на вашата кожа и бенките. Лекарите советуваат детален преглед на кожата еднаш годишно. Почитувајте ги препораките и бидете одговорни кон своето здравје.
Извор: Pharma News