Многу често луѓето знаат да бараат совети за слабеење или физичка активност на интернет. Едно истражување, објавено во „American Journal of Public Health“, открива дека корисниците на интернет уште на почетокот се среќаваат со неквалитетни информации за слабеење.
Истражувањето покажува дека при барањето совети на интернет, користејќи пребарувач како на пр. „Google“, првата страница со резултати од пребарувањето најчесто содржи спонзорирани содржини од несигурни сајтови со нереални ветувања за слабеење.
„Бидејќи првите линкови што се појавуваат при пребарувањето, без разлика на темата, се отворени од околу 90% од корисниците, тоа ги наведува и останатите корисници на неквалитетни информации“, објаснува Франсоа Модаве, главен автор и претседател на Одделот за компјутерски науки на Државниот Универзитет во Џексон, Мисисипи.
„Државните агенции, академските институции и медицинските организации ќе мораат да работат понапорно за оптимизација на пребарувачите за нивните линкови да се најдат на врвот на пребарувањето“, додава Модаве.
Во 2012 година, истражувачите прегледале 103 веб-сајтови со прашања конкретно за губење на тежината и ја оцениле содржината според квалитетот, односно тоа колку советите за слабеење биле доследни на реални докази. Медицинските, владините и универзитетските сајтови биле највисоко рангирани, заедно со блоговите.
„Кога ги разгледувавме исклучиво клучните димензии за глобален квалитет, односно исхраната, физичката активност и стратегиите на однесување, забележавме дека помалку од една петина од сајтовите имаа резултат над 50%“, вели Модаве.
Научниот доказ генерално претставува најдобро знаење, меѓутоа со оглед на тоа како функционира интернетот не е лесно да се најде. Здравствените работници се соочуваат со огромен предизвик при обидот да се осигураат дека јавноста пристапува до доследни информации.
Изненадувачки е фактот што блоговите биле меѓу највисоко рангираните, што значи дека обезбедуваат добри информации, а воедно се и лесно достапни. Можеби медицинските, владините и универзитетските сајтови треба да го следат нивниот пример со цел да го подобрат својот дизајн и сите ние лесно да имаме пристап до квалитетни информации.