Вештачката интелигенција сериозна закана за човештвото ?

Многу великани во IT индустријата предвидуваат дека брзиот развој на технологијата, посебно вештачката интелигенција, може да остави негативен белег врз човештвото. Имено, вештачката интелигенција би можела да стигне до степен да ја совлада човечката мисловна способност, што ќе значи фатална последица за човечкиот род.

За паниката да не е залудна зачестуваат навестувањата од многуте научници кои се занимаваат со понатамошен развој на вештачката интелигенција.

Имајќи предвид дека се стремиме кон свет во кој сè ќе биде поврзано и во кој технологијаta ќе одигра клучна улога, се повеќе и повеќе ќе биде сигурно дека ваквите глобални системи ќе бидат потешки за заштита.

Имено, кога еден ден ќе се поврзат различни системи во една целина, тоа ќе биде огромен “уред” кој може да биде многу ранлив на злонамерни хакери и криминалци.

Зголемувањето на бројот на хакерски напади е се поизразен и овој тренд сигурно ќе продолжи и во иднина. Но, она од што многу се плашат е моментот кога криминалците за нивните несакани дејства ќе почнат да користат вештачка интелигенција.

Експертите од Кембриџ и Оксфорд се повеќе се гласни во нивните повици да се сретнат со лидерите на големите држави за да разговараат за проблемот што ќе произлезе со брзиот развој на вештачката интелигенција. Експертите сметаат дека развојот на вештачката интелигенција целосно ќе го промени нивото на безбедност што денес го уживаме.

Она што експертите посебно го истакнуваат е дека уште денес имаме системи на вештачка интелигенција кои се далеку над човечките можности. Таквите системи во иднина би можеле да ги надминат човечките напори за заштита на луѓето од интернетот. На пример, во иднина може да очекуваме автоматски хакерски напади кои ќе бидат креирани благодарение на вештачката интелигенција.

Исто така, вештачката интелигенција би можела да се искористи за испраќање на персонализирани пораки, собирајќи информации за корисниците од различни места на интернет, особено од социјалните мрежи. Таквите напади би можеле да изгледаат многу субјективни и веродостојни, што би можело да ги натера корисниците да отвораат пораки кои не би смееле.

Сè на сè, проблемите кои доаѓаат со вештачката интелигенција се многубројни, а сега е крајното време да се постават некои закони и правила во чии рамки вештачката интелигенција ќе мора да работи.

Поддржете ја нашата работа: