Луѓето по природа се прилагодливи суштества. Најдобар доказ за тоа е малото село Ојмјакон (руски Оймяко́н, анг. Oymyakon), Република Јакутија, Русија, кое се смета за најладно населено место на светот.
Во зима просечната температура е -50°C, со рекорд од -71°C во 1924 година. Авантуристот и фотограф Амос Чапл го посетил селото, како и најблискиот град Јакутск (руски Якутск, анг. Yakutsk).
Чапл поминал пет недели во регионот, документирајќи го тешкиот живот на жителите кои оваа област ја сметаат за татковина. Патувањето започнало во Јакутск, главниот град на Републиката во североисточна Русија, која се смета за најстудена метропола на светот.
Во градот со 300.000 жители на зима просечната температура изнесува -30 Целзиусови степени.

Сепак, Чапл вели дека локалните жители се прекрасни луѓе, пријателски настроени, модерни и величествено облечени.

Како локалните жители се справуваат со студенилото? „Пијат „русский чай“, руски чај, при што мислат на водка“, вели Чапл.
Додека не развил пријателство со локалното население, Чапл престојувал во мало засолниште во Јакутск. Со задоволство ја прифатил поканата за престој кај нив. Во знак на благодарност се обидел да им зготви, но тоа било доста тешко поради температурите на Сибир.
Чапл вели дека трговијата со дијаманти на населението им овозможува разновидна и здрава економија.

Зборувајќи за последиците од Студената војна, вели дека оваа област е најмалку погодена. Етничките Јакути се многу поотворени од Русите и не чувствуваат комплекс поради падот на империјата.
Јакутск се наоѓа во близина на Ојмајкон, каде што Чапл решил да тргне во посета, решен да го документира најстуденото место на светот. Тој прво морал да стопира на половина пат каде што заглавил два дена.
Бензинските пумпи се отворени 24 часа на ден, бидејќи автомобилите на такви ниски температури мора постојано да се работат. Работниците во овие станици во изолираните области работат две недели, а потоа две недели се слободни, вели Чапл.
Тој останал два дена во едно малечко изолирано преноќиште, кое се наоѓа во ледената пустина по должината на патот. Се хранел со супа и чај додека чекал на следниот автомобил кој ќе го земе со цел да го заврши патувањето.
“Расположението на луѓето со кои завршив стопирајќи варираше од добредојде до закана. Јадев смрзната коњска крв со тестенини заедно со нивното семејство, пред да ме одвезат до Ојмјакон”, наведува тој. Еден споменик од комунистичката ера означува температура од -71,2°C, забележан во 1924 година. На споменикот пишува: „Oјмјакон, Пол на студот“.
Верувале или не, на домашен јазик Ојмјакон значи “незамрзната вода”. Тоа се однесува на термални извори кои ги посетувале луѓето кои одгледуваат ирваси.

“Се чувствував како да студенилото ми ги сече нозете, Плунката во устата ми се претвори во игла која ми ја бодеше устата. Целодневниот престој тука за мене е доста исцрпувачки”, вели тој.

Вели дека да се фотографира е доста тешко бидејќи кога издишувал се создавал густ дим кој пречи на фотографијата, затоа го запирал дишењето на моменти. Барањето на фокус било уште потешко, бидејќи студот веќе ја оштетил механиката на камерата.

Бањите и тоалетот се наоѓаат настрана од домот. Патот до тоалет претставува вистинска тортура.
Погребите исто така претставуваат сложен процес поради замрзнатата површина. Кога некој ќе умре, жителите палат оган за да можат да ја копаат земјата.
„Во оваа област многу е тешко да запознаеш луѓе. Единствените кои ги сретнав надвор беа пијани луѓе и оние кои бараат неволја“, додава тој.
Местото е премногу студено за одгледување зеленчук, па луѓето одгледуваат животни.
Од храна најчесто конзумираат сурова риба, лосос и коњски црн дроб, или супа врз база на месо.

Чапл вели дека животот тука е ист како и во другите места на светот, со еден исклучок што луѓето постојано гледаат во термометарот. На -50°C сите се затвораат дома.

Верувале или не, во летнот период температурата се искачува до 35°C, па летото поминува брзо, додека зимата тука се чини дека трае вечно.




























