Невообичаено насилство кај женки орангутани

Во индонезискиот резерват „Mawas“, женка орангутан е нападната и убиена од друга женка и мажјак. Ова е прв забележен случај на ваква смртоносна агресија помеѓу женки орангутани. Младата женка орангутан Кондор и нејзиниот додворувач – мажјакот Еко, нападнале и претепале постара женка, со име Сидони. Сидони се здобила со тешки повреди и починала две недели подоцна како последица од инфекција на здобиените рани.

Женките орангутани обично се осамени и ретко влегуваат во тепачки. Исто така е невообичаено за женките орангутани да се здружуваат со машките.

Не е јасно зошто Кондор покажала таква необична агресивност. Женките орангутани не ја бранат својата територија, а истражувачите не забележале знаци на каква било провокација.

Еко (лево) и Кондор (десно)
Еко (лево) и Кондор (десно)

Кондор претходно го изгубила младенчето. Непосредно пред нападот таа била во процес на парење со Еко. Парот наишол на Сидони и Еко ја „проверил“ пред да се врати кај Кондор. Кондор потоа се одвоила од Еко за да ја нападне Сидони, а Еко и се придружил. Друг мажјак – Гуапо дошол да ја одбрани Сидони и го избркал Еко, но таа веќе се здобила со тешки повреди.

„Тоа беше големо изненадување за нас. Немаме видено ништо слично досега. Веројатно присуството на мажјакот ја охрабрило женката да нападне, а потоа да биде толку упорна – вели Ана Марзек од Универзитетот во Цирих, Швајцарија, која го набљудувала однесувањето.

Областа станува сѐ понаселена од орангутани, поради губиток на нивните природни живеалишта, што може да има влијание на ваквото необично однесување. „Сакаме да видиме дали вакво нешто сега ќе се случува почесто“- вели Марзек.

Објавено во „Behavioral Ecology and Sociobiology“.

Поддржете ја нашата работа: