Орангутан што зборува како човек

Еден орагутан за прв пат покажал способност да имитира човечки говор.

„Роки“ – големиот орангутан ги оставил зачудени експертите кога успеал да продуцира звуци слични на зборови и тоа во „разговорен контекст“.

„Ова за нас претставува можност да дознаеме повеќе за вокалните капацитети на првите хоминиди, кои живееле пред да дојде до раздвојување помеѓу орангутаните и човечката лоза и да видиме како еволуирал вокалниот систем кај човекот“- вели Адријано Ламеира од Универзитетот Дурам, Велика Британија.

Неговиот тим поставил игра во која мајмунот требало да се обиде да ги имитира звуците  што ги прави експериментаторот.

Осумгодишниот Роки бил проучуван во зоолошката градина во Индијанополис – каде што сѐ уште живее, помеѓу април и мај 2012 година.

Неговите повици биле споредени со звуците снимени при повеќе од 12.000 часови набљудување на 120.000 орангутани од 15 популации кои живеат слободно или се затворени, при што се покажало дека звуците што ги прави Роки значително се разликуваат.

Роки успеал да научи нови звуци и да го контролира гласот на начин како што тоа го прават луѓето кога разговараат.

„Наместо да учат нови звуци, се претпоставуваше дека звуците што ги прават големите мајмуни се производ на возбуда над која тие немаат контрола. Но, нашето истражување докажа дека орангутаните имаат капацитет да ја контролираат работата на својот глас.Ова покажува дека контролата на гласот што ја имаат луѓето потекнува од еволутивен предок со сличен капацитет за контрола на гласот како тој кај орангутаните и општо кај сите големи мајмуни“- вели Ламеира.

Едно претходно истражување предводено од Ламеира со Универзитетот во Амстердам покажало дека женката орангутан со име Тилда може да продуцира звуци со истиот ритам и темпо како човекот.

Наодите се објавени во „Scientific Reports“.

Поддржете ја нашата работа: