Новиот систем би можел да им овозможи на беспилотните летала да пренесуваат пратки до точно определено место пред вратата на конзументите, да овозможи изработка на системи кои на возилата ќе им овозможат избегнување на судири и можност за уредите за виртуелна реалност (ВР) да се користат на отворено. Новиот сантиметарски прецизен GPS, заедно со камерата од паметните телефони, може да се користи за брзо создавање на глобална референтна 3Д мапа на околината, што може во огромни размери да го прошири радиусот на игрите на ВР. Засега ВР не користи GPS, со што му се ограничува употребата само во затворени простори и во радиус од само неколку метри.
„Замислете игри, каде наместо да седите пред монитор и да играте, вие сте во својот двор и практично трчате наоколу со другите играчи. За да бидат возможни вакви ВР – игри со повеќе играчи, на отворено, потребно е да имате многу прецизна позиција и ориентација, што е поврзана со глобалната референтна рамка“ – вели Тод Хамфриз, водач на истражувањето.
Хамфриз и неговиот тим изградиле евтин систем со кој се редуцираат локациските грешки и се зголемува прецизноста за повеќе од 100 пати.
Сантиметарски прецизни системи за позиционирање веќе се користат во геологијата за испитување и мапирање, но антените што ги користат овие системи се многу големи и скапи, за да би се користеле во мобилните уреди. Но, сега научниците нашле начин да ги комбинираат GPS информациите и антените што веќе се наоѓаат во мобилните уреди, со што оваа идеја станува возможна.
Хамфриз и неговиот тим работеле шест години на создавање на специјалниот приемник – наречен „ГРИД“ (GRID). ГРИД засега работи надвор од телефоните, но со време ќе може да се раководи од внатрешниот процесор на телефонот.
За понатамошното развивање на оваа технологија, Хамфриз и неговиот тим работат заедно со „Самсунг“ на создавање на приклучен додаток кој на паметните телефони, таблетите и уредите за виртуелна реалност ќе им ја покаже нивната прецизна позиција и ориентација.
Системот е дизајниран да ја покаже точната позиција и ориентација (на пример, кога ќе се заврти или наведне главата ) со отстапување за помалку од еден степен од прецизните димензии. Ова ниво на прецизност може да ја подобри виртуелната средина, која е базирана на параметри од реалниот свет, како останатите апликации, како визуелизацијата и 3Д – мапирањето.
Покрај ова, истражувачите веруваат дека оваа технологија може да направи значителна разлика и во секојдневниот живот на луѓето, како на пример во транспортот, каде сантиметарски прецизниот GPS систем може да доведе до создавање на подобра технологија за комуникација на возило со возило.
„Замислете вашето возило да може да ја знае точната позиција и брзина со која му се приближува друго возило, кое не може да се види од другите возила во сообраќајот и однапред да планира, за да избегне судир“- вели Хамфриз.
Новата технологија беше опишана во неодамнешното издание на списаниетио „GPS World“.