Нов лек кој успешно го редуцира ширењето на меланомот до 90 проценти

На повидок е можеби нов лек за рак, откако истражувачите од Државниот Универзитет во Мичиген, развиле ново хемиско соединение што може значително да го намали ширењето на клетките на меланомот во телото.

Меланомот претставува рак на пигментните клетки на кожата и претставува најсмртоносната форма на рак на кожата. Бројот на заболените од меланом постојано расте и тој е еден од туморите со најголема експанзија во последно време. Еден од најзначајните фактори за развој на меланомот е прекумерното изложување на кожата на ултравиолетовото зрачење од сонцето или во солариум.

Доколку рано се открие и почне да се третира, постојат шанси за негово излекување. Сепак, ако не се третира на време, меланомот брзо напредува и лесно се шири во другите  органи во телото, што го прави многу смртоносен и тежок за лекување.  

За да го стопираат развојот на меланомот, професорот по фармакологија Ричард Нубиг и неговите колеги развиле хемиско соединение со мала молекула што го спречува размножувањето на канцерските клетки.

Според истражувачите, новиот третман се фокусира на спречување на способоста на гените да продуцираат протеини и молекули на РНА кои меланомот ги користи за да може да се развива и да метастазира во другите органи.

Како што објаснува Нубиг, хемиското соединение до кое дошле е истото на кое работеле со намера да го користат за лекување на едно друго зболување, што се нарекува склеродермија. Кај лицата кои патат од склеродермија доаѓа до стврднување на кожата, како и внатрешните органи, срцето, белите дробови, бубрезите. Истражувачите откриле дека истиот  механизам што доведува до фиброза, односно стврднување на кожата кај болните од склеродермија придонесува и за ширење на ракот.

Нубиг и неговиот тим го употребиле оваа соединение за третирање на глувци на кои им биле инјектирани клетки од човечки меланом. Откриле дека лекот може да го редуцира метастазирањето на меланомот за 85 до 90 проценти.

Истражувачите велат дека ова би можело да доведе до многу ефикасен третман за ракот на кожата. Тие нагласуваат дека мелонамот е многу смртоносен бидејќи малигните клетки можат брзо се шират низ целото тело, зафаќаји ги и другите органи, како белите дробови и мозокот. Истражувчите веруваат дека е важно да се откријат точните патишта што ги користат малигните клетки при своето ширење низ телото, за да можат дополнително да го  развијат соединението. Тоа би им овозможило да одредат на кои пациенти најмногу би им користел нивниот третман, затоа што, како што истакнуваат, ефектот на соединението да го спречи развојот и ширењето на меланомот е посилен кога ги активира точните патишта.

Наодите од истражувањето се објавени во „Molecular Cancer Therapeutics“.

Поддржете ја нашата работа: