Астронаутите не биле на Месечината од 1972 година, од мисијата „Аполо 17“, најверојатно поради намалување на буџетот и менување на приоритетите. НАСА оттогаш го сменила својот фокус на Меѓународната вселенска станица и на истражување на Марс.
Но, со оглед на развојот на науката и технологијата, токму ова предизвика сомнежи и гласини дека можеби човекот воопшто не стапнал на Месечината и сето тоа е една голема лага.
Сега, германски научници сакаат да испратат две мобилни сонди на Месечината, за кои велат дека ќе можат да извршат увид на лунарниот ровер кој останал на Месечината од мисијата Аполо 17 во 1972 година.
Па, покрај тоа што ќе испитуваат нови технологии и ќе ја истражуваат површината на Месечината, доколку овие две сонди ја фотографираат опремата која астронаутите ја оставиле на Месечината пред повеќе од 40 години, би можеле конечно да стават крај на гласините дека мисијата на Месечината е лажна.
Научниците кои стојат позади оваа идеја се споија со германскиот производител на автомобили „Ауди“ за да влезат во натпреварот „Google Lunar X Prize“ кој нуди награда од 30 милиони американски долари за првата приватна група која ќе слета автономно возило на Месечината, ќе патува повеќе од 500 метри и ќе испрати фотографии назад на Земјата.
За да стигнат на Месечината, научниците потпишале договор со американската компанија „Spaceflight Industries“ за превоз со ракета пред крајот на 2017 година, најверојатно со ракетата „Falcon 9“ на „SpaceX“.
„Ова е мисија за предизвиците кои се наоѓаат во 384.000-те километри кои ја одделуваат Земјата од Месечината. Приказна за кршење на правилата и патување до места каде што никој друг не се осмелува да оди“, велат истражувачите на нивната веб страница.
Со оглед на тоа што се работи за натпревар, научниците не откриваат премногу детали за технологијата која ја развиваат.
Други приватни истражувачки компании кои се натпреваруваат за оваа награда ги вклучуват „Moon Express“, „SpaceIl“ и „Synergy Moon“.
Доколку некој од нив успее да ја постигне својата мисија, тие ќе можат да се доближат само до 200 метри до местото на слетување на роверот на Аполо, бидејќи НАСА сака да ја зачува историската трага на Месечината.
Во секој случај, ова претставува огрома шанса да се направи одамна посакуваната посета на Месечината, дури и ако таа е со автоматизирани ровери, наместо со луѓе.