Ви го претставуваме најновиот проект на Бехназ Фарахи – архитект и дизајнер чии дела го истражуваат потенцијалот на интерактивните средини и нивната поврзаност со човечкото тело.
Се работи за 3Д печатена облека, наречена „Caress of the Gaze“, која може да го детектира погледот на другите луѓе и соодветно да реагира со движење.
Исто како нашата кожа која постојано се движи, се шири, се собира и ја менува својата форма врз основа на различни внатрешни и надворешни стимули, кои не ја вклучуваат само температурата и влажноста, туку и чувствата како страв, возбуда и лутина, така и оваа облека делува како некој вид на вештачка кожа која ја менува формата врз основа на погледот од другите, кој иста така може да ги предизвика тие чувства.
Камери помали од 3 мм. го детектираат погледот на лицето, а компјутерски алгоритам мапира точно каде гледа. Потоа боцките прикачени на тоа место се заоструваат и се движат. Фарахи ја моделирала морфологијата на облеката на крлушките на рибите и змиите, а движењето на вродената човечка реакција на наежување.