Истото се случува и на Фејсбук, има огласи по сајтовите, сосе број, сосе слика. Се има, само еден повик те дели од среќата. Си плаќаат луѓе да те гледаат и како јадеш, некој се „пали“ само на смс. Вештачки до срж. Се додека е доброволно, во ред е. Фетиши се. Арно ама има опции да си купиш жена.
Станува збор за девојки и жени кои поставуваат фотографии и опис на специјализирани портали за запознавање со надеж дека ќе се омажат во поразвиените земји и со тоа ќе добијат достоен живот. Најчесто станува збор за девојки од помалку развиени земји или семејства, а од другата страна се средовечни мажи кои воглавно се добро финансиски потковани. Изборот е навистина неверојатен и на интернет постојат илјадници такви портали, а како најдобри се издвојуваат: „Anastasia Date“, „Asian Date“, „A Foreign Affair“, „International Cupid“ итн.
Најчесто земјите од каде доаѓаат „невестите по нарачка” се:
- Русија
- Филипини
- Колумбија
- Доминиканска Република
- Украина
- Тајланд
- Индија
- Кина
- Бразил
- Виетнам
Другата варијанта е кога девојките се помалку или повеќе принудени од семејствата да заминат со човекот кој ќе ги купи. Само уште фискална фали во муабетов.И без друго ова е јавна тајна. Поентата на текстов е сосема друга. Од кога продавањето на луѓе е нормална појава, па сите си ќутиме? 1000 кампањи за насилство против жената, а таа уште стои со цена до неа. И колку кошта една жена? Рака на срце, образованите имаат повисока цена.
Бертранд Расел во својата книга „Бракот и Моралот“ напишал: „Бракот е за жена најчест начин на живот, а вкупниот износ на несакан секс издржан од страна на жените е веројатно поголем во брак отколку во проституцијата“. На пример, проституцијата е фер математика. Услуга за пари. Услужна дејност си постои во регистар. Да се легализира, па да видат ќар и „услужителите“ и муштериите и економијава.
Oва со купувањево е многу, многу подлабок проблем.
Прво, брак е институција за која треба согласност од двајцата партнери. Второ, тоа е партнер за цел живот, или би требало да биде, па се очекува тие луѓе да се компатабилни и да имаат заеднички интереси и цели. Трето, ако твоите те продадат, а некој те купи, како ли се чувствуваш? Имаат ли тие жени право на глас? Смеат ли да речат не? Рака на срце, може ќе се погоди фин купец, па ќе си живеат ок. А ако се погоди латентен психопат, што морал да си купи жена, затоа што сите други побегнале? И на крајот, да не биде дека само мажите се лошите во приказнава, од кај да знае и тој кутриот дали ќе му дојде жената што ја бендисал? Може ќе се префарба невестата во меѓувреме.
Член 11
Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување. Се забранува присилна работа.
Член 41
Право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.
21-ви век сме, најдовме други планети за живот, ама еве на оваа луѓе продаваме.