Откриен досега најмладиот мумифициран фетус во саркофаг

Во мал саркофаг кој е откопан во Гиза пред повеќе од еден век, откриено е досега најмалото мумифицирано човечко суштество што и припаѓало на древната египетска цивилизација.

Кога првпат го откриле 44 сантиметри долгиот саркофаг во 1907 година, археолозите сметале дека спакуваната содржина во внатрешноста претставува мумифицирани органи што биле извадени од починатиот пред погребот, но дури сега успеале да погледнат во внатрешноста на завоите и откриле дека всушност се работи за човечко суштество.

Мумијата е изложена во музејот Фицвилијам во Кембриџ, откако е подложена на многу темелна, но потполно неинвазивна анализа.

Египтолозите од музејот најпрво се обиделе преку рентген да ја откријат содржината на пакувањето, но снимките биле неодредени, па морале да направат КТ скенирање.

Според резултатите од КТ скенот, научниците дури успеале да одредат дека се работи за фетус кој бил стар помеѓу 16 и 18 недели.   

На КТ скенот се гледа дека рацете на фетусот се прекрстени на градите, што заедно со квалитетот и украсите на ковчегот укажува дека се работело за погреб важен за египетското општество.

cropmummyupperlimbs

Мумифицирани фетуси се видени и порано. Во гробницата на Тутанкамон се откриени два, за кои се проценува дека биле во 25-тата и 37-та гестациска недела, но овој фетус е далеку помлад.

Иако откритието е извонредно едноставно поради самиот факт дека се работи за над 2.000 години стар фетус на кој може да се видат добро сочувани прсти на рацете и нозете, тоа исто така многу кажува и за системот на верување во стар Египет. Се чини дека дури и на неродените деца им била дадена шанса за „задгробен живот“.

„Грижливоста со која се направени подготовките за погребот јасно покажува колкаво значење имал животот дури и во првите недели по зачнувањето“- вели Џули Досон, шеф на конзервација при музејот Фицвилијам.

Поддржете ја нашата работа: