Откриен еден од последните диносауруси

Еден од последните диносауруси кои живееле во Африка, пред 66 милиони години е откриен во рудникот за фосфати во северно Мароко.

Научникот кој го открил новиот вид го споредил со добивка на лотарија, бидејќи станува збор за новооткриен вид Chenanisaurus barbaricus, кој е исклучителен.

Станува збор за помалиот афрички современик на Северно Американскиот Tyrannosaurus Rex.

Минатата година Д-р Николас Лонгрич од Универзитетот во Бат, проучувал ретки делови на вилични коски кои се откриени во рудниците во областа Sidi Chennane во Мароко.

Во соработка со своите колеги од Мароко, Франција и Шпанија, Д-р Лонгрич идентификувал делови и открил дека припаѓаат на абелисаурусот.

Абелисаурусите биле двоножни грабливци, како што бил Т-рексот и другите тираносауруси, но со пократка вилица и поситни раце.

Додека тираносаурусите доминирале во Северна Америка и Азија, абелисаурусите биле главни грабливци во Африка, Јужна Америка, Индија и Европа.

“Откритието било необично бидејќи диносаурусот бил пронајден во морските карпи. Тоа е како да сте во потрага по фосили на кит, а пронајдете фосили од лав”, вели Д-р. Лонгрич. “Станува збор за неверојатно ретко откритие, како да сте добиле на лотарија”.

Логрич додава дека до сега во Мароко, никогаш не се пронајдени остатоци од диносауруси од тој период. Се работи за еден од последните диносауруси во Африка, пред масовно да изумрат како вид.

 

Поддржете ја нашата работа: