Нашиот генетски состав влијае на тоа дали сме слаби или дебели со тоа што одредува каков вид на микроби живеат во нашето тело.
Научниците од Кралскиот колеџ во Лондон и Универзитетот Корнел спровеле едно истражување на парови на близнаци и идентификувале специфично, малку познато семејство бактерии што е наследно и почесто се среќава кај послабите лица.
Во текот на ова истражување, научниците ги оделиле гените од микробите пронајдени во повеќе од 1000 примероци од измет на 416 парови близнаци. Специфичните видови на микроби биле послични кај идентичните близнаци, кои делат 100% од своите гени, отколку кај неидентичните близнаци кои делат околу половина од гените. Овие податоци покажуваат дека гените влијаат на составот на микробите во стомакот.
Специфичните бактерии, на чие присуство и број влијаеле гените, припаѓаат на т.н. фамилија „Christensenellaceae“ и биле пристутни во поголем број кај поединците со помала телесна тежина. Кога оваа микроба била трансплантирана кај глувците, истиот ефект бил забележан, односно ги штитела од зголемување на тежината, со што се претпоставува дека зголемувањето на количеството на оваа микроба може да ја спречи или намали дебелината.
Резултатите од истражувањето, објавени во весникот „Cell“, може да претставуваат основа за пробиотички терапии кои би го намалиле ризикот од болести поврзани со дебелината според генетскиот состав на поединците.
„Близнаците беа најзаслужни за откривањето на оваа поврзаност“, вели Тим Спектор, професор и директор на катедрата за истражување на близнаци и генетска епидемиологија на Кралскиот колеџ во Лондон. „Но сега сакаме да ги тестираме овие микробиоми пошироко на територијата на Обединетото Кралство. Ова е експеримент кој ќе им овозможи на сите оние кои се заинтересирани за својата исхрана и здравје, генетски да си ги тестираат сопствените микроби со што би продолжиле да ги откриваме врските помеѓу нашиот стомак и нашето здравје“.
Досега, варијациите во количеството на микроби во стомакот се објаснувале преку исхраната, животната средина, начинот на живот и здравјето. Ова е првото истражување кое докажува дека одредени видови на микроби во стомакот се наследни и дека варијациите се резултат на генските варијации, а не само на влијанието од средината.