Откриена тајната зошто градбите од Стариот Рим опстојуваат илјадници години

Една од најфасцинантните мистерии на Стариот Рим е и импресивната долговечност на нивните крајбрежни бетонски градби.

Тие опстојуваат повеќе од 2.000 години, иако се изложени на постојани удари од морските бранови и различни временски услови, додека денешните бетони ерозираат веќе за неколку децении.

Истражувачите, предводени од геологот Мари Џексон од Универзитетот во Јута, со години ја истражуваат мистеријата на римскиот бетон и конечно ја откриле тајната за неговата долговечност и издржливост.

Римските градби биле правени од бетон кој бил мешавина од вулкански пепел, калциум оксид, морска вода , кој со текот на времето станувал сѐ поцврст. Научниците велат дека тоа е последица на хемиската реакцијата на морската вода со вулканските материјал, и создавање на нов минерал кој го појачува бетонот. Оваа појава Римјаните веројатно ја забележиле во природно зацементираните наслаги од вулкански пепел наречени туфови карпи.

Џексон и нејзините колеги извршиле детална анализа на минералите присутни во бетонот кој го собрале од неколку градби долж италијанскиот брег.

Тие биле особено заинтересирани за присуството на алуминиумски тобермормит, цврст минерал на база на силициум којшто е многу редок и тешко се создава и во лабораториски услови, но во античкиот бетон бил застапен во изобилство.

Се покажало дека алуминиумскиот тобермормит и минералот филипсит, всушност растат во бетонот, благодарение на морската вода која се шири околу него и која полека го раствора вулканскиот пепел, создавајќи простор да се развие армирана структура од овие испреплетени структури. Покрај тоа, промените што со текот на времето настанувале во составот на минералите во римскиот бетон, се такви што спречуваат пукнатините да се шират низ материјалот.

„Римјаните создале бетон сличен на карпа, кој се развива при отворена хемиска размена со морската вода“вели Џексон.

Ова е сосема спротивно од она што се случува со денешниот бетон, кој еродира под дејство на морската вода која ја кородира челичната конструкција и ги отстранува компонентите што го држат материјалот заедно.

„Ова откритие отвора сосема нови перспективи во изработката на бетонот. Она што ние го сметатаме како ерозивен процес, всушност може да има екстремно корисни ефекти. За жал, оригиналната рецептура за римскиот бетон е одамна изгубена, такашто наша единствена можност е повторно да го креираме врз основа на што го знаеме за неговите хемиски својства“– велат истражувачите.

Да се направи бетон на начин како што го некогаш го правеле Римјаните, ќе претставува голема благодет за модерната градежна индустрија, особено за крајбрежните градби, како пристаништата кои се постојано изожени на морската вода.

Наодите од истражувањето се објавени во „American Mineralogist“.

Поддржете ја нашата работа: