Откриена црна дупка 30 пати поголема од очекуваното

Новите податоци добиени од страна на астрономите од Универзитетот Кил и Универзитетот во Централен Ланкашир, Англија покажуваат дека црната дупка е многу поголема во споредба со масата на галаксијата околу неа.

Галаксијата „SAGE0536AGN“ беше откриена од телескопот „Spitzer“ на НАСА во инфрацрвена светлина. Се смета дека е стара најмалку 9 милијарди години и содржи активно галактичко јадро – неверојатно светол објект кој се формирал како резултат на насобирањето на гас од страна на централната супермасивна црна дупка. Поради огромното гравитациско поле на црната дупка, гасот се забрзува и емитира светлина.

Тимот на астрономи го потврди присуството на црната дупка со мерење на брзината на гасот кој се движи околу неа. А потоа со мерењето на светлината која се испушта, ја пресметале и масата на црната дупка. Откриле дека масата на црната дупка е 350 милиони пати поголема од масата на Сонцето, а масата на самата галаксија е 25 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето. Тоа значи дека масата на галаксијата е 70 пати поголема од онаа на црната дупка, но црната дупка е 30 пати поголема отколку што би требало да биде за една галаксија со оваа големина. Обично, галаксиите и црните дупки во нивното јадро растат со иста стапка, но во овој случај или црната дупка растела побрзо, или галаксијата предвреме престанала да расте.

Со оглед на фактот дека научниците ја пронашле оваа галаксија сосема случајно, можно е да постојат и други слични објекти. Времето ќе покаже дали „SAGE0536AGN“ е навистина чудна, или пак е само прва од цела нова класа на галаксии.

Истражувањето е објавено во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.

Поддржете ја нашата работа: