Откриени чудни својства на водените капки

Швајцарски научници сметаат дека пронашле решение за водените капки да не се задржуваат на површината, туку со помош на специјално направени силиконски површини да се одбиваат толку енергично, што буквално отскокнуваат како да се на трамбулина.

Истражувачите од ЕТХ Цирих во Швајцарија, го проучувале однесувањето на мали водени капки поставени на специјално обработена нееластична силиконска површина, сместени во комора под притисок. Потоа, со постепено намалување на притисокот во комората, тие ги снимале движења на капките со супер брза камера.

На почетокот, капките останале неподвижни на површината, но на притисок од околу една дваестина од нормалниот атмосферски притисок, тие почнале да отсокнуваат. После секој допир со површината, капките отскокнувале уште повисоко, иако површината била потполно нееластична.

Преку детална анализа на движењата на капките со помош на термална камера, истражувачите откриле дека комбинацијата на природните водени испaрувања и микроструктурата на површината на материјалот се клучните фактори за појава на овој феномен на трамбулина.

Сепак, самата површина треба да биде груба за да не се лепат капките на неа, но, од друга страна не премногу груба бидејќи во тој случај водените испарувања многу брзо ќе исчезнат низ порите и пукнатините на површината, а со тоа ќе се поништи овој ефект.

Микроструктурните силиконски површини на истражувачите од ЕТХ , потполно ги исполнуваат овие барања. За да може овој механизам да најде реална примена, потребно е да се најде начин тој да функционира при нормален атмосферски притисок.

Истражувачите се надеваат дека ќе успеат тоа да го постигнат во следните неколку години. Во тој случај би можело да се очекува дека конечно ќе имаме далноводи кои не мрзнат, патишта на кои не се задржува вода и мраз, а еден ден можеби и нема да има потреба од одмрзнување на крилата на авионите.

Резултатите од истражувањето се објавени во „Nature“.

 

Поддржете ја нашата работа: