Откриени пирани со заби слични на нашите

Риболовците од Мичиген неочекувано уловиле риби со заби слични на нашите. Рибите припаѓаат на родот „Piaractus brachypomus“ и се блиски роднини на пираните, иако нивната исхрана е главно вегетаријанска.

Овие риби се популарни кај сопствениците на аквариуми, поради нивните невообичаени квадратни заби кои наликуваат на човековите, но сега се забележани на места каде што не би требало да бидат – во езерото Сент Клер и Порт Хјурон во југоисточниот дел на Мичиген, каде што во текот на месец јули во рок од една недела биле фатени дури три риби од овој вид.

Според Одделот за природни ресурси на Мичиген, овие риби се фрлени во езерата од страна на поранешните сопственици кои ги чувале како домашни миленичиња.

Овие риби се вообичаени за речните сливови на реките Амазон и Ориноко. Рамното тело е слично на телото на пираните, но како што споменавме се разликуваат по квадратните заби кои ги користат за да кршење на семиња и јаткасти плодови.

Можат да растат до 89 см во должина, што може да ги поттикне нивните сопственици да ги ослободат во дивината, откако ќе ги надраснат нивните аквариуми.

Топлите температури се од витално значење за опстанокот на овие риби, што значи дека најверојатно нема да станат инвазивни во сезонските студени води во Мичиген. Но, во секој случај, нивното ослободување не само што е штетно за нив и може да резултира со нивна смрт, туку може да биде штетно и да има последици на природниот див свет и екосистем во Мичиген, предупредуваат од Одделот за природни ресурси.

Поддржете ја нашата работа: