Ова видео целосно ќе го смени начинот на кој го гледате светот

Вероjатно сте виделе многу географски карти досега и имате прилично добра претстава колку се големи континентите и државите – или можеби не?

Во ова видео на „Business Insider“ се прикажани девет анимации на карти кои ќе ви овозможат сосема нов увид во големината на копнената маса на континентите и државите.

На почетокот може да се види дека американската држава Тексас може да „влезе“ три пати во копното на Гренланд. Ова изгледа импресивно, но дали верувате дека Кина може да го „проголта“ Гренланд четири пати и да остане уште празно место.

И САД не се толку големи колку што изгледаат, бидејќи Русија лесно може да ги проголта два пати, но тоа можеби и го очекувате бидејќи кога ќе ја погледнете картата на светот Русија изгледа најголема.

Но, не е така. Африка, која можеби на карта не изгледа ни приближно голема колку Русија, фактички е два пати поголема од Русија.

Постои научно објаснување зошто картите даваат лажна перцепција за големината на земјите. Тоа е поради т.н. Меркаторова проекција која претставува цилиндрична  картографска проекција, што ја вовел фламанскиот географ и картограф Герхард Меркатор во 1569 година за да им помогне на морепловците во навигацијата. Ова сѐ уште се користи при изработката на географските карти за училиштата и книгите.

Секоја од правите линии на картата е линија на постојан правец на движење, така што на морепловците им е доволно да имаат една од овие карти и компас за да можат да  одржуваат правилен курс движејќи се преку океаните. Меридијаните се нацртани како еднакво оддалечени паралелни вертикални линии, како и линиите за географска ширина, кои се поставени хоризонтално. Како се оддалечуваат од екваторот, растојанието меѓу нив на картата се зголемува.

Ова значи дека копнените маси што се наоѓаат подалеку од екваторот изгледаат непропорционално големи во споредба со тие што се наоѓаат во близина на екваторот.

Со други зборови, ако се наоѓате на врвот или на дното на картата, ќе изгледате многу поголем и „пораширен“ отколку ако се наоѓате во близина на средината.

Значи не е наша грешка што сме ја „потценувале“ Африка цело време. Нас едноставно не прелажале картите!

Поддржете ја нашата работа: