Прекумерното пиење во адолесценцијата може да доведе до структурни промени во мозокот и дефицит на меморијата кои траат се до средната возраст, се вели во истражувањето спроведено од страна на истражувачите на Универзитетот Амхерст, Масачусетс, кое е објавено во „The Journal of Neuroscience“.
Во еден експеримент извршен на стаорци забележано е дека алкохолот го намалува миелинот, масниот слој на нервните влакна кој го забрзува преносот на електрични сигнали помеѓу невроните. Овие промени се забележани во региите одговорни за размислување и донесување на одлуки. Алкохолот, исто така, влијаел и на меморијата.
Потребно е понатамошно истражување за да се утврди применливоста на овие наоди кај луѓето.
Во експериментот било споредувано нивото на миелин во префронталниот кортекс – мозочна региа од витално значење за размислување и донесување на одлуки, кај млади машки стаорци на кои секојдневно во период од 2 недели им бил даван алкохол или засладена вода. Стаорците кои пиеле алкохол имале намалени нивоа на миелин во префронталниот кортекс во споредба со оние кои пиеле слична количина на засладена вода. Неколку месеци подоцна, нивоата на миелин се’ уште биле намалени.
Забележано било и намалување на работната меморија, односно способноста да се задржат информациите за краток временски период.
Според Светската здравствена организација, се поголем број адолесценти и млади во целиот свет се пијанчат, со конзумирање на четири (пет кај мажите) или повеќе пијалоци во период од околу два часа. Претходните истражувања кај луѓето покажале поврзаност помеѓу прекумерното пиење во адолесценцијата и промените на нивото на миелин во неколку мозочни регии, меѓутоа не можело со сигурност да се каже дека алкохолот е одговорен за тоа.