Најавата за соработка доаѓа во пресрет на првиот официјален „Ден на астероидите“ на 30-ти јуни, кој научниците се надеваат дека ќе ја подигне свеста за заканата од објектите во близина на Земјата и дека ќе ги охрабри владите да развијат подобар план за подобро да ги детектираат и следат.
На 30-ти јуни е годишнината од ударот на астероидот во Сиберија, во 1908 година, кој збриша околу 2 илјади квадратни километри шума. Изненадувачкиот удар од астероид во 2013 година во рускиот град Челјабинск покажа дека опасноста од астероиди се’ уште постои. Постојат иладници кои орбитираат помеѓу Марс и Јупитер и некои од нив понекогаш доаѓаат премногу блиску до орбитата на Земјата.
Но, не можеме едноставно да впериме нуклеарно оружје на нив. Во 2013 година, истражувачите од Државниот универзитет во Ајова смислија план за користење на летало од два дела, кое прво ќе направи дупка во астероидот, а потоа ќе го испушти нуклеарното оружје во кратерот за да експлодира. Така, 99% од парчињата од астероидот ќе ја одминат Земјата, а останатите ќе изгорат во атмосферата.
Меѓутоа, НАСА смета дека и тие помали парчиња може да претставуваат проблем и подобро е да се одвратат отколку да се уништат, односно подобро би било нежно да се потурне астероидот за да го помести правецот, наместо да се разнесува на парчиња. Тоа може да се постигне со нуклеарно оружје кое ќе се лансира над површината на астероидот, што ќе предизвика промена на брзината без да го оштети. Дури и најмалата промена на брзината во текот на неколку години ќе предизвика астероидот целосно да ја промаши Земјата, истакнува НАСА.
НАСА, исто така, истакна и дека некои астероиди помали од неколку стотици метри во дијаметар, може да се оттргнат и без употреба на нуклеарно оружје, со помош на роботско летало кое ќе се судри со нив и тоа ќе биде доволно за да се помести нивната траекторија, но само доколку навремено се забележат (од неколку години до една деценија порано). Но, токму тоа е и проблемот – што можеби нема да имаме од неколку години до една деценија, бидејќи бројот на потенцијално опасни астероиди се зголемува, како што нивната големина се намалува, и токму тие се најтешки за рано детектирање.