Интернационален тим од астрономи, со помош нателескопот „VLT“ ја направил досега најдлабоката и најдеталната слика на маглината Орион.
Покрај нејзината неверојатна убавина, сликата открива и дека маглината е полна со кафеави џуџиња – тела со мала маса кои не успеале да станат ѕвезди, што може да открие нови сознанија за тоа како се формираат ѕвездите во во тој регион.
Маглината Орион се наоѓа на оддалеченост од 1.350 светлосни години од нас и воедно претставува најблискиот регион до Земјата во кој масовно се „раѓаат“ нови ѕвезди. Таа може да се види како средната „ѕвезда“ од мечот на созвездието Орион – но тоа воопшто не претставува ѕвезда туку огромна област каде се формираат ѕвезди.
Сликата што е направена со помош на инструментот „HAWK-I“ за инфрацрвено снимање на телескопот, им овозможува на астрономите да ги видат ѕвезите и планетите со пониска температура, кои не се видливи со другите инструменти – со што е добиена чиста, јасна слика на телата што се наоѓаат на огромна оддалеченост од Земјата.
„HAWK-I“ им овозможува на истражувачите да гледаат низ гасовите што што ја опкружуваат маглината Орион и да ги истражуваат кафеавите џуџиња – небески тела кои се поголеми од гасните џинови, но не се доволно масивни за да поддржат нуклеарна фузија и да станат ѕвезди.
Наодите на истражувачите укажуваат дека кафеавите џуџиња се многу позастапени отколку што се мислеше претходно, иако технологијата што ќе овозможи тие целосно да се истражат нема да биде достапна додека не почне со работа „Исклучително големиот европски телескоп“ (анг. European Extremely Large Telescope (E-ELT), во 2024 година.
Ова не е прв пат истражувачите да го користат „HAWK-I“ за откривање на некои од мистериите на Универзумот. Во 2010 година тој помогна да се долови структурата на спиралните галаксии.
Последниве наоди се објавени во списанието „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society.“