Погрешни впечатоци за личноста врз основа на изгледот

Во последниве години, истражувањата покажуваат дека луѓето се склони да поврзуваат одредени физички карактеристики со карактерот на поединецот. На пример, луѓето со „женски” црти на лицето и оние кои делуваат среќно, се доживуваат како доверливи. Останати особини кои се поврзуваат со изгледот се компетентност, доминација и пријателство.

Според еден напис објавен во „Cell press“, луѓето се потпираат на овие суптилни и произволни карактеристики на лицето при донесување на важни одлуки како што се гласање на претседателски кандидат или осомничување за криминал. Осврнувајќи се на оваа системска пристрасност, авторите ги презентираат последиците во реалноста и можните начини за надминување на проблемот.

„Иако ние би сакале да мислиме дека нашите судови и избори се рационални и непристрасни, во согласност со и само врз основа на релевантни информации, вистината е дека тие често се пристрасни, површни и врз основа на ирелевантни фактори“, вели Кристофер Оливола, главен автор на статијата.

Ова е вознемирувачкa човечка тенденција која треба да се корегира, или барем ублажи, бидејќи лицата не се валидни показатели на особините на личноста.

Пристрасноста може да доведе до сериозни последици во правниот и финансискиот систем. Поголема е веројатноста да се осудат поединци чии лица изгледаат неверодостојно или виновно, додека лицето што изгледа доверливо ја зајакнува можноста за финансиски инвестиции и заеми.

Откривањето на варијации на лицето, што водат до впечатоци, е се’ уште активна  област на истражување. Иако многу останува непознато, напредокот на технологијата овозможува системи за  манипулирање на лицата и им помага на истражувачите да се справат со овој проблем со неверојатна точност.

За крај, истражувачите сугерираат дека површните заклучоци и стереотипи можат да се намалат со едукација и стекнување на релевантни валидни информации. Значи, нареден пат, не избрзувајте! Работите не се секогаш онака како што изгледаат.

Поддржете ја нашата работа: