Пушачите се помалку привлечни за другите луѓе

Научниците на оваа тема многу пати направиле истражувања, а едно од последните покажува нешто поинакво, што не се однесува директно на здравјето. Накратко, една студија се занимава со изгледот на пушачите, колку се тие привлечни и препознатливи во однос на останатите кои не пушат.

Во студијата, спроведена од страна на Универзитетот во Бристол учествувале повеќе од 500 испитаници. Сите имале за задача да гледаат фотографии на кои се претставени идентични близнаци (пушач и непушач). Првата цел на студијата е да се препознае лицето на пушачот, а втората да се утврди како пушењето влијае на привлечноста.

Бидејќи премногу фактори влијаат на изгледот на поединецот, вклучувајќи ги возраста, полот и околината, користењето на еднојајчани близнаци во студијата им овозможило на научниците да го постигнат точниот одговор.

“Бидејќи таквите близнаци ги делат речиси сите свои генетички материјали, разликите меѓу нив, во нивниот изглед, може да се припишат на влијанието на околината и начинот на живот што го одбрале, вклучувајќи ги разликите во однесувањето и животниот стил како што е пушењето”, се вели во студијата.

Во експериментот се користат машки и женски прототип на лицата на близнаците. Резултатите од студијата изненадиле со високиот процент на препознатливост на близнаците непушачи. Во скоро 70 отсто од случаевите испитаниците погодиле кој од близнаците е пушач. И мажите и жените кои учествувале во истражувањето, едногласно ги избрале непушачите како попривлечни.

Научниците веруваат дека откриените резултати можат да послужат како инструмент во кампањите против пушењето, особено кога станува збор за младите пушачи. “Младите се особено ранливи на можните негативни и несакани ефекти од пушењето, кои влијаат врз нивниот изглед”, се наведува во студијата.

Инаку, друга студија, објавена во јуни оваа година открива дека бројот на нови пушачи е во опаѓање.

Поддржете ја нашата работа: