Едно неодамнешно истражување спроведено во Клиничката болница за истражување и обука во Анкара, Турција, сугерира дека практикување секс најмалку три до четири пати неделно го олеснува спонтаното исфрлање на камењата од бубрегот.
Истражувачите од Одделот за урологија направиле истражување во кое 75 пациенти биле поделени во три групи. Од едната група било побарано да имаат секс најмалку три до четири пати неделно, на втората група им бил даден лекот „тамсолузин“ (лек кој обично се користи за да се подобри мокрењето кај лица со зголемена простата), а третата група примила стандардна терапија што се користи за камења во бубрези.
По две недели, истражувачите откриле дека 26 од 31 учесници од „секс“ групата, успеале да исфрлат каменче од бубрегот. Од друга страна пак, само 10 од 21 пациенти од групата што примила тамсолузин и 8 од 23 пациенти од групата што примила стандардна терапија, успешно исфрлиле камчиња од бубрегот. Камчињата што биле исфрлени биле со просечна големина од 4,7 милиметри.
Наодите од едно слично истражување објавено во „Annals of Emergency Medicine“, во кое биле споредувани ефектите од тамсолузин наспроти ефектите од плацебо, во третман на мали и големи камчиња во бубрезите покажале дека, додека за малите камчиња времето е најдобар лек, за третман на пациентите со големи камчиња, докторите би требало да користат тамсолузин.
И покрај тоа што 87 проценти од пациентите третирани со тамсолузин и 81,7 проценти од пациентите со плацебо исфрлиле мали камчиња од бубрегот, кога се работело за големи камчиња со должина од 5 до 10 милиметри, 83,3 проценти од пациентите со тамсолузин успешно ги исфрлиле своите камчиња, во споредба со 61 процент од плацебо групата.
Ако немате камчиња во бубрезите, немојте да мислите дека сте имуни на оваа состојба, бидејќи 1 од 10 лица добиваат камчиња во бубрег во текот на животот.
Сепак, има и неколку опции како да го избегнете создавањето на камчиња во бубрег – пијте многу вода, не внесувајте многу протеини со исхраната и внимателно со суплементите кои содржат цинк, особено ако имате фамилијарна историја на камчиња во бубрег.